Пандемијата со Ковид-19 ќе трае подолго одколку што треба поради тоа што посиромашните држави не ја добиваат потребната количина вакцини која што им е потребна, предупредува Светската здравствена организација (СЗО).
Според Брус Ајлвард, еден од предводниците на СЗО, ковид кризата може „лесно да се развлече длабоко во 2022 година“, пренесе Би-Би-Си.
Во моментов помалку од 5% од населението во Африка е вакцинирано, во споредба со 40% на останатите континенти.
Ајлвард повика побогатите држави да ослободат место во редовите за набавка на вакцини, со цел фармацевтските компании да стават приоритет на снабдување на државите со пониски приходи. Според него, богатите држави мора да ги испочитуваат своите заложби за донации на вакцини на кои се обврзаа на собирот на Г7 државите ова лето.
„Можам да ви кажам дека не сме на правиот пат. Навистина мораме да го забрзаме овој процес. Во спротивно, пандемијата ќе трае една година повеќе отколку што треба да трае“, вели тој.
„Вакцини за луѓето“, алијансата од хуманитарни организации, објави нови податоци кои покажуваат дека само една од седумте ветени дози вакцини од фармацевтските компании и богатите држави навистина се дистрибуираат во сиромашните земји.