Повеќе од 700.000 луѓе си го одзедоа животот во 2019 година, што значи дека 1 од 100 смртни случаи во светот е предизвикан од самоубиство, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО), кои нагласуваат дека ваквата стапка е превисока, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
На глобално ниво, стапката на самоубиства падна за 36 отсто меѓу 2000 и 2019 година, посочуваат од СЗО.
Пандемијата пак, влоши многу од ризичните фактори за самоубиство, како што се губење на работата, финансиски грижи или изолацијата.
Земјите можат да спречат самоубиство со учење на младите како да се справат со емоционалната или социјалната криза, додаваат од организацијата.
Други начини да се справат со овој проблем е идентификувањето на луѓето кои имаат суицидални мисли и да им се дадат упатства како да најдат помош, да поттикнат одговорно медиумско известување за самоубиства и да им го отежнат на луѓето пристапот до отрови, како што се пестицидите или пак до оружје.
Самоубиството е четврта главна причина за смртност кај младите на возраст меѓу 15 и 29 години, по сообраќајните несреќи, туберкулозата и насилството, покажуваат податоците на СЗО.
Повеќето од жртвите се мажи, 12.6 на 100.000 луѓе, а стапката на жените е 5.4 на 100.000 луѓе.