Глобалната епидемија на мајмунски сипаници е прогласена за вонредна состојба за јавно здравје од страна на Светската здравствена организација (СЗО), пренесува „Гардијан“.
Ова е седми пат организацијата да издаде ваква декларација, а последна беше онаа за Ковид-19, која СЗО ја издаде во 2020 година.
Вонредната состојба во јавното здравство од меѓународен интерес е дефинирана со меѓународните здравствени регулативи на СЗО како „вонреден настан кој може да претставува ризик за јавното здравје на другите држави преку меѓународно ширење на болеста и потенцијално бара координиран меѓународен одговор “.
Тедрос Аданом Гебрејесус, генералниот директор на СЗО, на прес-конференција истакна дека комитетот се состанал во четвртокот за да ги разгледа најновите податоци, но не можело да се постигне консензус.
„Имаме епидемија која брзо се рашири низ светот преку нови начини на пренос за кои премалку разбираме и кои ги исполнуваат критериумите во меѓународните здравствени регулативи. Поради сите овие причини, решив дека глобалната епидемија на мајмунски сипаници претставува глобален здравствен итен случај од меѓународна загриженост“, изјави тој.
Според Гебрејесус, ризикот од мајмунски сипаници е „умерен“ на глобално ниво, но е „висок“ во Европа и постои „јасен ризик од понатамошно меѓународно ширење“.
Според податоците на СЗО, на глобално ниво, досега имало 16.016 случаи на мајмунски сипаници – од кои 4.132 биле во изминатата недела, според податоците на СЗО. Европскиот регион има најголем број вкупни случаи, 11.865, а најголем пораст во последните седум дена, односно 2.705 случаи.