Веројатно е прерано да се прогласи крај на вонредната ситуација со пандемијата на Ковид-19 поради потенцијално опасниот бран кој ќе се случи во Кина, сметаат повеќе главни научници и советници во Светската здравствена организација (СЗО).
Нивните ставови се сменија откако Кина ја напушти политиката на „нула-Ковид“ минатата недела по растот на инфекции и масовното јавно незадоволство во државата со најголема популација во светот. Проекциите покажуваат дека втората најголема светска економија може да има повеќе од милион смртни случаи од вирусот во 2023 година по ненадејната промена на нивниот приод кон вирусот.
Вчера низ кинеските градови имаше вистинска трка во обидите да се постават доволно болнички кревети и да се изградат монтажни клиники за тестирање од симптомите на Ковид-19.
Политиката на „нула-Ковид“ засега успеваше бројот на инфекции и смртни случаи да ги држи на релативно ниска бројка во споредба со другите држави од светот, но релаксирање на мерките, според експертите, ја менува глобалната ситуација.
„Прашањето е дали можеме да кажеме пост-пандемија кога толку голем дел од светот всушност сега влегува во вториот бран. Јасно е дека се наоѓаме во многу различна фаза од пандемијата, но по мое мислење надоаѓачкиот бран во Кина е многу непредвидлив“, објаснува холандскиот виролог Марион Копманс, која е дел од комитетот на СЗО кој советува за статусот на вонредната состојба со Ковид-19.
Во септември директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрехесус, изјави дека „на пандемијата ѝ се гледа крајот“, а минатата недела пред новинарите рече дека се надева на крај на вонредната состојба во текот на 2023 година.
Најголемиот дел од државите ги укинаа Ковид-рестрикциите откако заканите од нови варијанти на вирусот се намалија во втората половина на 2022 година. Истовремено изјавите на Гебрехесус ги подигнаа надежите дека СЗО наскоро ќе го укине највисокото ниво на вонредна ситуација поради Ковид-19, која е на сила од јануари 2020 година.
Копманс и другите советници од СЗО треба да дадат нова препорака за состојбата во која се наоѓа пандемијата на крајот на јануари. Гебрехесус е тој кој ја носи конечната одлука и не е задолжително да ги следи препораките на советодавниот тим.
Освен ризиците по Кина, дел од светските здравствени експерти предупредуваат дека допуштањето на вирусот слободно да се шири може да предизвика негова мутација и потенцијално да создаде нова опасна варијанта. Во моментов податоците кои Кина ги споделува со СЗО и базата на податоци за вирусот ГИСАИД покажува дека варијантите кои циркулираат во земјата се од глобално доминантната Омикрон.