СЗО: Регистрирани се повеќе од 700 напади врз украинската здравствена инфраструктура

Светската здравствена организација (СЗО) има регистрирано 703 напади врз здравствената инфраструктура во Украина од почетокот на руската инвазија во февруари, што регионалниот менаџер на организацијата го нарече најголем напад врз здравствената заштита од Втората светска војна, пренесува Ал Џазира Балканс.

„Ова е јасно прекршување на меѓународното хуманитарно право и правилата за војна“, рече регионалниот директор на СЗО Ханс Клуге во Киев.

Стотици илјади куќи и станови, училишта и болници се без греење, рече Клуге.

„Постојаните напади врз здравствената и енергетската инфраструктура значат дека стотици болници и здравствени установи веќе не се целосно функционални, немаат гориво, вода и електрична енергија за основните потреби“, објасни Клуге.

Тој додаде дека половина од енергетската инфраструктура на Украина е уништена или оштетена и дека „10 милиони луѓе, четвртина од населението е без струја“.

Временската прогноза која предвидува температури од -20 Целзиусови степени претставува сериозен ризик по здравјето.

„Студеното време може да убие. Оваа зима ќе биде опасна по живот за милиони луѓе во Украина“, рече Клуге.