Директорот на Светската здравствена организација (СЗО) вчера изјави дека бројот на смртни случаи од коронавирусот низ светот минатата недела бил најмал по почетокот од пандемијата во март 2020 година, што може да претставува пресвртна точка во повеќегодишната глобална здравствена криза.
На пресконференција во Женева, Тедрос Аданом Гебрехесус истакна дека светот се наоѓа во досега најдобра можна позиција да го запре КОВИД-19.
„Се` уште не сме стигнати дотаму, но се гледа крајот. Сега е најлошото време да се прекине со трчањето. Напротив, сега треба да се трча уште посилно за да се осигураме дека ќе ја преминеме целта и ќе ја добиеме наградата за нашата напорна работа“, изјави Гебрехесус зборувајќи за глобалните напори за справување со вирусот.
Во последниот неделен извештај на СЗО податоците покажуваат дека смртните случаи опаднале за 22% минатата недела на само околу 11.000 во светот. Истовремено имало 3,1 милион нови случаи на КОВИД-19, што е намалување за 28% и продолжение на трендот на опаѓање на заболените од вирусот во секој дел од светот.
Сепак од СЗО предупредуваат дека опуштањето во тестирањето и мониторирањето на КОВИД-19 низ многу држави значи и дека голем број случаи поминуваат нерегистрирано. Организацијата објави сет мерки за владите, со цел тие да ги засилат напорите против коронавирусот пред очекуваниот раст во есенскиот и зимскиот период, предупредувајќи дека новите варијанти и понатаму можат да го поткопаат прогресот кој е направен досега.
„Доколку не го направиме тоа сега, ризикуваме нови варијанти, уште смртни случаи и уште нарушувања на животот и неизвесност“, додаде Гебрехесус.
Од СЗО посочија дека подваријантата БА.2 на сојот омикрон уште доминира на глобално ниво, и сочинува скоро 90% од примероците кои се споделуваат на најголемата база на податоци за вирусот.
Според Мариа Ван Керхов, која е технички директор за КОВИД-19 на СЗО, очекуваат идни бранови од болеста, но се надеваат дека тоа нема да предизвика многу смртни случаи.