Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејсус предупреди дека неодамнешната одлука на Врховниот суд на САД со која се укина правото на абортус на федерално ниво ќе предизвика здравствени проблеми и смртни случаи, пренесува Ал Џазира Балканс.
„Сите жени треба да имаат право да одлучуваат за своето тело и здравје“, рече тој во Женева.
„Со безбеден абортус се грижиме за здравјето. Така се спасуваат животи. Ограничувањето ќе ги натера жените и девојките да абортираат на небезбеден начин, што ќе предизвика компликации и смрт“, додаде Гебрејсус.
Врховниот суд на САД претходната недела ја промени одлуката која беше на сила 50 години, а со која се гарантираше правото на прекин на бременоста во сите држави на САД.
Судот со таа одлука го олесни донесувањето на построги закони за абортус, меѓу кои и целосната забрана во сојузните држави кои сама така одлучуваат.
Законите за забрана стапија на сила веднаш во некои сојузни држави. Во многу од нив пак, лекарите кои вршат абортуси може да завршат во затвор.
Ро против Вејд: Врховниот суд во САД го поништи правото за абортус