Писателите Орхан Памук од Турција и Виктор Ерофеев од Русија вечерва во новиот објект на Македонскиот народен театар (20.00) ќе ја примат меѓународната книжевна награда „Табернакул“ за 2013 година.
Двајцата писатели ќе ја примат наградата „Табернакул“ која издавачката куќа ја доделува по вторпат. Памук и Ерофеев добиваат златник и скулптура направена од уметникот Горан Стаменков, изгравирани со нивното име, како и парична награда од 5000 евра.
На доделувањето на наградата беседа за нобеловецот Орхан Памук ќе одржи Ферид Мухиќ, по што Памук ќе и се обрати на публиката, а потоа Венко Андоновски ќе одржи беседа за Ерофеев, по што тој ќе се обрати на публиката. Ќе бидат претставени насловите издадени по повод доделувањето на наградата: романите „Акимудија“ и „Руска убавица“ од Ерофеев, како и романот „Немиот дом“ и книгата есеи „Наивниот и сентименталниот романописец“ од Памук.
Влезот на настанот е слободен.