Таблоидот „Новости“ ја загрозува безбедноста на српските студенти

Во обид да ги дискредитира студентските протести, српскиот таблоид „Новости“ објави фотографии од пасошите на студентите, браќата Лазар и Лука Стојаковиќ. Насловот инсинуира дека Хрвати го предводат студентскиот протест, што таблоидите во Србија со денови се обидуваат да го припишат на протестите кои ги блокираат факултетите, пишува Н1.

Она што „Новости“ го сокриле е дека браќата Стојаковиќ се потпишале на кирилица и дека се од српска националност, а имаат хрватски пасош по раѓање на нивниот татко, кој е од Краина и кој при операцијата Олуја избегал во Србија, како и повеќе од 200.000 Срби во 1995 година.

Принтскрин / „Новости“

По тој повод на мрежата Х реагираа бројни адвокати.

Адвокатот Родољуб Шабиќ вели дека објавувањето лични документи со слика и нивно ставање во контекст на некаква измислена субверзивна активност поддржана од странство не е само грубо кршење на основните новинарски стандарди, кршење на законот за заштита на личните податоци и најверојатно кривично дело, но и свесно и директно загрозување на безбедноста на овие млади луѓе.

Адвокатот Владимир Терзиќ на X напиша дека тоа е пропаганда и „Новости“ го нарече „тоалетна хартија“.

„Србите од Краина се прогласени за Хрвати само затоа што се против овој режим кој ги продаде сите српски интереси, а на фотографиите од пасошот го испуштаат делот каде што младите се потпишале на кирилица“, рече Терзиќ.

Главен уредник на „Новости“ е Милорад Вучелиќ. Тој водеше слична уредувачка политика во 1990-тите како генерален директор на Радио телевизија Србија (РТС).

Истиот текст го пренесе Информер на Драган Ј. Вучиќевиќ.