„Да се табуизира или не, прашање е сега!“ (Taboo or not taboo?) е слоганот под кој од 13 до 21 ноември ќе се одржи 4-тиот Фестивал на европска литература „BookStar“ кој го организираат од издавачката куќа „Антолог“, оваа година во соработка со „Готен“.
Славенка Дракулиќ, Џамал Уаријачи, Антон Баев, Офегјур Сигурдсон, Михал Ајваз, Енес Халиловиќ, Живко Гроздановски и Јосип Коцев се меѓу дел од писателите кои организаторите ги најавуваат како гости на Фестивалот.
„Во време на информациска пренатрупаност и „неограничен“ медиумски пристап, логично би било табу-темите да не постојат. Но, наместо тоа, живееме во ера на постидеологија, „fake – news“ и табуизирање, што е всушност маската на празниот публицитет. Поради тоа, оваа година BookStar носи писатели чии дела до срцевина ги дисецираат болните точки на општеството денес.
Целта годинава е да ги донесеме најважните потврдени и нови гласови на европската литература и да отвориме дебата на општествено деликатни теми. Нашиот годинашен слоган е „Taboo or not taboo?“ и целта не е само да се претстават гостите, туку и да дискутираме на жешки прашања важни за нас, кои на некаков начин може да ги поврземе со она што нашите гости го пишуваат“, наведуваат од „Антолог“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Република Македонија, а дел од настаните се поддржани од програмата Креативна Европа на Европската Унија.