“Тајниот живот на Волтер Мити“ во дистрибуција на МЦФ МКД е римејк на истоимениот филм од 1947 година според приказната на Џејмс Турбер од 1939 година.
Бен Стилер е режисер, а воедно и ја игра главната улога во оваа комична авантура за сонувачот кој бегајќи од својот анонимен живот се губи во светот на фантазиите исполнет со херојски дела, романса и акција. Кога неговата работа и работата на неговата симпатија, колешката Шерил, ќе бидат загрозени Волтер мора да преземе нешто во вистинскиот свет.
Тогаш се впушта во авантура поневеројатна од се што некогаш можел да замисли. Во филмот чија премиера ќе можеме да ја погледнеме на 9 јануари низ кината во земјава, играат Кристен Виг, Шон Пен, Адам Скот и Ширли Меклејн.
Комедијата која критичарите ја опишаа како: „новиот Forest Gamp“ (Mark Daining, Empire), „визионерско и духовито остварување“ (Piter Traves, Rolling Stone), „потсетник дека соништата треба да се живеат“ (David Carr, The New York Times), на прв поглед изгледа како приказна за еден обичен човек, Волтер Мити, кој работи во фотографската архива во познатиот светски магазин „Life“.
Тој е еден од оние луѓе на кои што ќе им се насмевнете, но никогаш нема да почнете разговор со нив. Тајно е заљубен во неговата колешка и живее живот без многу возбудувања. Но, Волтер Мити има навистина бујна фантазија и животот кој го живее додека мечтае не може да се спореди со тоа што всушност му се случува во вистинскиот живот.
Кога поради промените во компанијата каде што работи ќе биде загрозено неговото работно место и работното место на жената во која е заљубен ќе тргне на патување кое ќе ги надмине сите негови фантазии. Да го видиш светот. Да запознаеш и почувствуваш нови луѓе. Волтер Мити ќе научи дека тоа е всушност смислата на животот.
Волтер Мити, вели Бен Стилер за јунакот кој го игра, е човек кој живее мирен живот, во кој не живее се’ што посакал да проживее, и со тоа веќе одамна се помирил. Меѓутоа, штом во неговиот живот ќе влезе љубовта, работите се менуваат: „Кога Волтер Мити ќе ја запознае Шерил, таа отвора нешто во него со што тој сака да се поврзе. Во исто време тој ја губи својата работа. Сите овие елементи се здружуваат и го принудуваат на драматичен чекор и голем ризик“, нагласува Стилер.