Тајван од денеска воведува бесплатни менструални производи во сите училишта, а ќе обезбеди и дополнителни субвенции за ученици со ниски примања кои ќе можат да набават вакви производи надвор од училишните објекти.
Учениците од основните училишта ќе ги добиваат менструалните производи во физичка форма, или како купони со кои ќе можат да ги набават овие хигиенски средства во супермаркетите или други продавници. Студентите на универзитетите исто така ќе можат да аплицираат за субвенции со кои ќе можат да набават вакви производи доколку им се потребни.
Истовремено, училиштата и универзитетите ќе формираат посебни штандови во здравствени центри, музеи и библиотеки.
Министерството за образование соопшти дека за овој проект ќе бидат инвестирани повеќе од 100 милиони нови тајвански долари (3,18 милиони американски долари). Премиерот Чен Чиен-јен најави дека политиките се насочени кон ставање крај на менструалната сиромаштија и е дел од промовирањето на родовата еднаквост.
Чиен-јен вели дека подобрувањето на пристапот до менструални производи и подобрувањето на образованието во врска со менструацијата има за цел да го намали физичкиот и менталниот товар кој го доживуваат жените. Според Министерството, околу 95.000 ученици ќе имаат придобивки од програмата.
Обединетите нации ја дефинираат менструалната сиромаштија како потешкотија со која се соочуваат жените и девојките од сиромашните семејства и економски товар предизвикан од потребата да се купат менструалните производи.
Шкотска стана првата земја во светот која обезбеди бесплатни тампони и влошки во сите училишта во 2020 година. По неа следуваше и Нов Зеланд во 2021 година. Во Азија, Јужна Кореја, Јапонија и Тајланд имаа програми преку кои дистрибуираа санитарни производи во училишта во одредени региони, но не и на национално ниво.