Талибанците ги отворија училиштата само за момчиња и го затворија Министерството за женски прашања

Девојчињата се исклучени од учењето во средните училишта во Авганистан и покрај ветувањата на Талибанците дека нема да ја вратат државата во темните денови од 1990 година, пренесува „Еuronews“.

Минатата сабота, новиот талибански министер за образование ги отвори училиштата по еден месец, но само за момчиња. Девојчињата започнаа со одење во основните училишта, но на тинејџерките и професорките сè уште не им е дозволено да одат во средните училишта.

Директорката на Детската агенција при Обединетите Нации изјави дека се плаши дека на девојчињата засекогаш ќе им биде забрането средното образование.

“Многу е важно девојчињата, особено постарите девојчиња, да го продолжат нивното образование без понатамошни препреки. За тоа да се случи професорките треба да продолжат со предавање“, напишала Хенриета Х. Фор во своето отворено писмо.

Правата на авганистанските жени дополнително се повредени и со затворањето на Министерството за женски прашања, кое сега служи како Министерство за пороци и вредности. Отсега Министертвото ќе биде задолжено за надгледување на тоа дали строгата интерпретација на Исламот е добро исполнета.