Талибанските власти во Авганистан донесоа нов збир на закони за пороци и доблести под исламистичкиот режим, меѓу кои има и правило за забрана за слушање на женскиот глас во јавност, пишува „Си-Си-Ен“.
Законите беа донесени минатата среда откако беа одобрени од врховниот лидер Хибатула Ахунџада. Тие опфаќаат аспекти од секојдневниот живот како јавен превоз, музика и прослави.
Меѓу новите правила, членот 13 се однесува на жените и гласи дека секоја жена задолжително мора да го покрива своето тело во јавност, а од суштинско значење е да го покрива и лицето со цел „да се избегне искушение и искушување на други“. Облеката не смее да биде тенка, тесна или кратка.
Жените исто така се задолжени да го покриваат своето тело и пред мажи и жени кои не се муслимани за да избегнат „некој да ги измами“.
Гласот на жената се смета за интимен и таа не смее да се слуша како пее, рецитира или чита на глас пред публика. Забрането е за жените да гледаат во мажи со кои не се крвно поврзани или во брак, и обратно.
„Ишалах ве уверуваме дека овие Исламски закони ќе бидат од голема помош за промоција на доблеста и елиминирање на пороците“, изјави потпаролот на министерството за правда.
Законите ќе му овозможат на министерството да биде во првите редови на регулирање на личното однесување и администратирање казни како опомени и апсења доколку сметаат дека е прекршен некој од законите.
Законите забрануваат објавување на слики од живи суштества, заканувајќи му се на веќе кревкиот авганистански медиумски пејзаж; музика во живо, забрана за патување на жени без придружба и забрана за мешање на жени и мажи кои не се крвно поврзани. Законите исто така ги обврзуваат патниците и возачите да извршуваат молитви во одредено време.
Според веб-страницата на министерството, промоцијата на доблеста вклучува молитва, усогласување на карактерот и однесувањето на муслиманите според Исламистичкиот закон, охрабрувајќи ги жените да носат хиџаб и да ги повикаат граѓаните да се придржуваат на петте столба на Исламот.
Минатиот месец, извештај на Обединетите нации покажа дека министерството придонесува за да се шири страв и заплашување меѓу Авганистанците преку методи што ги спроведува врз нив.
Во извештајот се вели дека улогата на министерството се проширува и во другите области од јавниот живот, вклучително и следење на медиумите и искоренување на зависноста од дрога.
Талибанците ги отфрлија наводите во извештајот.