Талибанците наредија сите салони за убавина и фризерници во Авганистан да се затворат во последниот бран рестрикции насочени кон жените.
Портпаролот на Министерството за морал за Би-Би-Си изјавил дека овие бизниси имаат рок од еден месец да ја исполнат наредбата започнувајќи од 2 јули, кога за првпат биле информирани за промената.
Правата на жените во Авганистан постојано се во пад откако Талибанците дојдоа на власт во земјата во 2021 година.
Претходно властите забранија пристап на тинејџерки и жени во училиштата, фитнес центрите и парковите, а последна забрана беше тие да работат за Обединетите нации.
Талибанците исто така донесоа декрет со кој жените треба да бидат облечени на начин на кој ќе бидат видливи само нивните очи и мора да бидат во придружба на маж со кој се во род доколку патуваат на дестинација подолга од 72 километри.
Затворањето на салоните за убавина беше дел од поширокиот сет мерки воведени од Талибанците кога тие последно беа на власт меѓу 1996 и 2001 година. Сепак овие услужни бизниси беа повторно отворени по американската инвазија на Авганистан во 2001. Овие бизниси останаа отворени откако Талибанците ја презедоа власта пред две години, по повлекувањето на американската војска, но нивните излози често беа покриени и слики од жени надвор од салоните беа покривани со боја за да се скријат нивните лица.
Владата на Талибанците нема дадено образложение за причините за забраната, или пак за алтернативите кои би биле достапни кога овие салони ќе бидат затворени.