Талибанците им наредиле на новинарките на сите авганистански медиуми да ги покриваат лицата кога ќе се појават на телевизија, објавија денеска локалните медиуми.
Големата авганистанска медиумска куќа „ТОЛОњуз“ ја објави веста на својот официјален Твитер профил. Веста за германската новинска агенција „ДПА“ ја потврдија неколку новинари и продуценти од Кабул.
Талибанците ги информираа сите телевизиските станици дека новата наредба е конечна и дека „не е за дискусија“. На социјалните мрежи се шират фотографии од водителки со покриени лица.
Телевизиски продуцент од Авганистан посочи дека според новата наредба, лицата на водителките мора да бидат покриени „така што единствено да им се гледаат очите“.
Талибанците сè уште не издале јавно соопштение во врска со наредбата, која следеше набргу откако го воведоа правилото дека жените мора да ги покриваат лицата во јавност.
Откако се вратија на власт, талибанците систематски ги кршат човековите права во земјата и наметнуваат сериозни ограничувања врз медиумите.
Претходно имаше и повеќе случаи на претепување и притворање новинари бидејќи ја работеле својата работа, а на девојките и жените им се одземени бројни права, вклучително и правото на образование, работа и движење.