Танц Фест 2019 под мотото „Идентитети што не смеат да се пропуштат“ го слави 15-годишниот јубилеј

На 4-ти април, со почеток во 20 часот, во МНТ започнува фестивалот „Танц фест 2019“ со најновата премиера на „Скопје танцовиот театар“ насловена „Идентитети“. Фестувалот оваа година прославува 15-годишен јубилеј, а мотото на овогодишното издание е „Идентитети што не смеат да се пропуштат“.

Организаторите велат дека годинешнава програма е посветена на младите, современите танчери и нови кореографски имиња од земјава, со цел општеството да го препознае идентитетот кој го создале, како резултат на долгогодишното влијание на фестивалот и неговото значење за развојот на современата танцова сцена кај нас.

„15 години јубилејот на Танц Фест ќе се одвива на повеќе сцени во Скопје, Свеченото отворање е на 4-ти април во 20 часот, во Македонскиот народен театар, кое ќе започне со одбележување на настанот „Танц фест и пријателите“, за оние поддржувачи на фестивалот и современата танцова сцена, кои со години наназад на разни начини помагаат во остварувањето на сонот за европски квалитетна современа танцова сцена кај нас. Ќе биде доделена Наградата МЕНАДА за врвни остварувања во областа на танцот, а фестивалот ќе се отвори со претставата насловена „Идентитети“ на Скопје танцовиот театар“, велат од Фестивалот.

На 5-ти и 6-ти април ќе се одржи Интернационалниот натпревар за млади кореографи, ТАНЦЛАБ, додека на 9-ти април следи гостувањето на Кодартс, од Ротердам, Холандија со претставата под наслов „Таленти во движење“, програма која прикажува кратки кореографии на извонредни светски кореографи, меѓу кои и на нашата кореографка Адријана Данчевска, која изминатиот период работеше во Холандија.

На 10-ти април на сцената на Младинскиот културен центар ќе го видиме „Проширување на објективот“ со настап на млади танчери, студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ како дел од Скопје танцовиот театар, како и Инкубатор млади уметници и гости танчери од Швајцарија и Италија.

На 16-ти април на сцената на МНТ во 20 часот, ќе се одржи премиерата на Скопје танцовиот театар со програмата: „Луцидниот Јос“ на Дејан Битровски и „Скеч“ на Адријана Данчевска“, додека за прв пат годинава Танц Фест ќе има програма во ноќниот клуб Сектор каде ќе бидат изведени две претстави, на 18-ти април, 21 часот – „Фенси сме“ и на 20-ти април, 21 часот, „Адријана Данчевска и Скопје танцов театар“, авторска вечер на младата короеграфка Данчевска.

Од 18 до 21 април, на сцената Зебра, ќе се одвива програмата наменета за деца „Танцуваме со Виталија“ во која ќе учествуваат деца од тука и од Холандија. Фестивалот ќе се затвори на 23 април, со претставата „Секвенци – Минато, Сегашност, Иднина“ на ЗЈЦМ од Ханџо, Кина.

Во рамките на фестивалот за прв пат ќе биде доделена и наградата МЕНАДА за млад уметник, како поттик и признание за младите уметници.