Со претставување на 19 кореографи од земјава, но и Холандија, САД, Полска, Чешка, Израел, Италија, Грција, Словачка, Романија, Шпанија и Кина, „Танц Фест“ Скопје 2023 ќе се оддржи под мотото „Танцувајќи создаваме иднина“.
На 4 април, вторник, на сцената на Македонскиот народен театар, фестивалот ќе започне со премиера на претставата „Таленти во движење“, на ротердамската танцова компанија „Кодартс“.
На 12 април, среда, на сцената на МНТ ќе се претстави американската танцова компанија „Далас Блек“, преку проектот „Dance communications“ – работилници за млади танчери, кои ќе подготват кратка кореографија под менторство на танчерите и професорите од САД и Скопје танцовиот театар, а истата ќе ја изведат на 12 април на сцената на МНТ, пред настапот на компанијата од САД.
На сцената на Младинскиот културен центар ќе бидат претставени современи кореографии на Јакуб Черулик од Словачка, Сандра Махвама од Романија, Гилда Цесарио од Италија, „А приори“ компанијата од Грција.
На 10 април, петок, во МКЦ ќе се изведе новата кореографија на Бобан Русески, под наслов „Табу република“, во продукција на Скопје танцовиот театар.
Скопје танцовиот театар на 11 април, сабота, во МНТ, ќе ги претстави новите продукции „Место, многу посебно за неа“ на Адријана Данчевска и „Блокови“ на Дејан Битровски, во кои учествуваат танчерите на компанијата и студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“.
Македонската танцова сцена ќе биде претставена со кореографиите „Одење и слични кореографски решенија“ на Филип Петковски, на 28 април, вторник, на Малата сцена на НОБ и „КОД #9“ на Ивана Балабанова и Алесандро Ола, која ќе се изведе на 24 април, понеделник, на сцената на Кино Фросина во МКЦ.
На 26 април, недела, на сцената на Македонскиот народен театар ќе се изведе премиерата на најновата кореографија на Рисима Рисимкин, „Лејди Магбет“, која годинава е поканета да гостува на италијанскиот фестивал „Шекспир фринге“ фестивалот во Верона.