Вечерва (сабота, 15 јуни) во Денсинг салата на Младинскиот културен центар во Скопје (МКЦ) од 19 часот ќе се одржи танцовиот дует LOUNGE во изведба на Марга Алфеирао и Маријана Бененге.
„LOUNGE претставува дует за две тела кои се идентификуваат како женски и заедно се движат низ состојби на активност и пасивно одморање, до уживање во траењето на повторувачките движења. Зборот lounge е глагол, со значење да седиш или да лежиш релаксирано, но и именка со значење јавен простор за релаксација. Лаунџинг (lounging) претставува и дејство и место, простор што можеш да го оформиш, да го населиш и да го густираш. Лаунџ собата како јавно наспроти осамено место, исто така има важност. Со помош на сопственото присуство, изведувачите навлегуваат подлабоко во себеси и во вибрациите. Во делото продира идејата за Невидлив танц во скут, сочинет од мали, речиси невидливи танцови кои со помош на погледот ја избледнуваат границата меѓу танчарот и оној врз кој се извршува танцот“, се вели во најавата.
Марга Алфеирао (Лисабон, 1994) ги користи медиумите за да издлаби безбедни простори за истражување на интимноста и сексуалноста преку танц и перформанс. Под длабоко влијание на танцовите жанрови и текстури на звукот од африканската дијаспора, расеани низ лисабонските општествени ткива, активно полага право на женскоста, создавајќи простор за лезбијската сензуалност. Има работено со кореографите Тамара Алегре, Антонија Ливингстоун, архитектката Афаина де Жонг и други. Активна е на португалската „балска“ сцена како основачка на Куќата на музите (Casa das Musas). Во Берлин го создаде Coyote Pretty Ugly, 10- минутен чин со 4 изведувачи како забавна точка во квир вечерите во градот. Додипломските студии ги завршува на Интеруниверзитетскиот центар за танц во Берлин по танц и кореографија (2017 – 2021). Иницијатор е на Танцови во скут на музика од телефони и приспивни песни (Lapdances to Ringtones and Lullabies), истражување за еротиката и одморањето. Во моментов работи на ново дело за баналноста, тагата и настраноста со танчарите Миријам Лукас, Маријана Бененгве и таа самата, диџеите Нидиа и Шака Лајн и писателите Дујгу Агал и Кендис Нембхард, во обид да се изведат симултани танцови во скут. Заедно со соработничката Камила Маленчини, работат на ново дело за хоророт, парализата, женскоста и митот, чија премиера е закажана за 2024 г.
Танчарката, кореографка и дизајнерка Маријана Бененге (Р. Конго/Франција) е независна уметница во париската квир заедница. Коосновачка е на П3, ексклузивна ФЛИНТА (Female, Lesbian, Intersex, Trans, Agegender) забава за поттик на БИПОК (Black, Indigenous, People of color), квир лезбијките да стапат во контакт со сопствената сензуалност и да негуваат простори без продорната машка доминација. Како дизајнерка, Маријана го поврзува потеклото од Конго во дијалог со бојата и текстурата, носи дрскост и смелост во облеката, претставувајќи ја сопствената женскост. Образованието по традиционални конгоански танци го започна во Конго, а подоцна, во Париз, го применува уличниот танц Waacking и станува активна членка на уличната танцова сцена и на „балската“ сцена, каде што се натпреварува, учествува во жири-комисиите и е дел од организацијата. Маријана во моментот работи на втората модна колекција во склоп на нејзиниот бренд Тантин де Пари.
Перформансот се изведува во рамки на 12. издание на Викенд на гордоста Скопје чија тема годинава е „Останувајќи со нелагодноста“. Фестивалот е во организација на Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка.