На четвртото издание на Скопскиот поетски фестивал, кој се одржува од 29 мај до 1 јуни, учествуваат поети од Македонија и од странство.
Еден од учесниците кој настапи на интернационалното поетско читање вчера е поетот Танос Гогос од Грција со кого Радио МОФ имаше можност да направи интервју.
Покрај тоа што пишува поезија и неговите книги се преведени на повеќе од 15 јазици, Гогос е основач и на Издавачката куќа и списанието „Трака“ во Грција.
Низ разговорот, Гогос ни откри малку повеќе за неговите почетоци, инспирации, поетски фестивали како и за процесот на издавање во Грција.
Што ве инспирираше да почнете да пишувате поезија?
Кога имав околу 22 години, почнав да читам многу повеќе поезија отколку што читав претходно. Поезијата, ми се допадна, и самиот почнав да пишувам па така, поезијата ме инспирираше да пишувам поезија.
Имате објавено три поетски збирки кои се прведени на над петнаесет јазици „Гранично игралиште“ (Фарфулас, 2013), „Глазгов“ (Трака, 2014) и „Дакар“ (Мелани, 2020), по што се разликуваат овие три збирки една од друга?
„Гранично игралиште“ за мене беше како практика во поезијата. Тоа е надреалистичка книга што ја напишав кога бев млад љубител на надреалистичкото движење. Нешто како книга за игралиште. Во исто време ја пишував и „Глазгов“, која е попромислена книга, книга која има план и лош темперамент. „Глазгов“ е книга која не зборува за нестабилноста, но ја зборува нестабилноста. Тоа е поетска синтеза – комбинација на поетска, прозна и епистоларна форма. Некои го нарекуваат и роман во стихови. „Дакар“ , од друга страна, е позрел проект. Минималистички, па дури и да има внатрешно насилство, има чувство на спокојство и прифаќање на тешкотиите што ни ги наметнува општеството и односите меѓу луѓето.
Иван Сршен во својата рецензија за „Глазгов“ вели „Книгата е Grand Tour на вистинската љубов за поезијата и филозофијата на слободата, а Танос Гогос е картограф на поезијата што создава нова карта на Европа – онаа без граници, на која наместо патишта, циркулираат вени на симболиката и артерии на метафората. Во неговата игра европските градови се преткомори и комори на големото и тажно срце на окованиот свет“. Зошто како уметник сметате дека ваквите мотиви се важни да се опишат низ поезија?
Кога ја пишував „Глазгов“ имав 25 години. Беше објавена кога имав 29 години. Сега имам 39 години. Филозофијата на поезијата и животот што ја имав тогаш беше слобода, храброст и радикална промена. Па така тие стана составен дел од книгата. Сега, кога имам 39 години, не можам да верувам во работите во кои сакав да верувам кога имав 25 години. Но, во исто време, не можам да ги напуштам ниту емотивно. Така, би сакал моето претходно јас да може да одговори на ова прашање – оној што имаше толку многу одговори, бидејќи сега имам повеќе прашања од одговори.
Во едно интервју имате изјавено дека пред да ја напишете „Глазгов“,многу сте патувале и сте доживеале чудни работи а кога сте ја пишувале „Дакар“ целосно сте се повлекле во изолација. Како знаете кога е време да се опуштите а кога е време да се повлечете кога создавате едно ново дело?
Никогаш не пишувам како луѓето што пишуваат дневници. Никогаш нема да видите во ниту една од моите книги приказна што е раскажана точно онака како што мене ми се случило. Се обидувам да пишувам од перспектива на трето лице. Но, исто така знам дека моите книги не можат да бидат далеку од мојата срж, или од искуствата што ги доживеав или набљудував. Во литературата, за разлика од животот, можеш да отидеш во еден бар, да живееш приказна, а потоа да го вратиш времето, да отидеш во друг бар, да живееш друга приказна, а потоа да избереш која приказна ќе биде вистината на книгата. Така, за „Глазгов“ сакав целосна мобилност, додека во „Дакар“ сакав тишина. Претпоставувам дека секоја книга доаѓа од таа длабока потреба – или за мир, или за стимулација – и потоа или патуваме или се повлекуваме, физички или метафорички.
Досега сте биле во Северна Македонија и веќе ја знаете и публиката и средината, па, што ви има оставено најголем впечаток тука?
Сум бил тука неколку пати, најчесто на поетски фестивали, Скопски поетски фетивал, Поетска ноќ во Велестово, Струшките вечери на поезијата итн. Секогаш бев импресиониран од љубовта кон поезијата што ја чувствував во Скопје, во Струга, во Велестово и од неверојатната работа на Јулијана Величковска од ПНВ Публикации, која успева да ја промовира поезијата преку настани и публикации.
Покрај тоа што сте поет вие сте и основач на издавачката куќа „Трака“ а сте и главен уредник на истоимено списание, па колку вие како издавач им давате доволно шанса на младите поети?
Во „Трака“ ја цениме инклузивноста и еднаквоста во секоја смисла. Значи, поттикнуваме објавување на дела од млади автори – и во списанието и во издавачката куќа. Имаме и годишна награда „Трака“, која се доделува на претходно необјавен поет. Наградата опфаќа издавање на наградениот ракопис како книга и досега оваа награда се покажа како многу потребна во контекст на грчката поетска сцена, бидејќи скоро сите поети кои беа објавени преку овој отворен повик, подоцна освојуваа други државни награди. Тешко е да се влезе во светот на издаваштвото во Грција како новодојденец, бидејќи областа е огромна, централизирана и недоволно финансирана. Нудењето мала, но конкретна помош на новите автори е од суштинско значење за ширењето на поезијата во Грција.
Го споменавме и списанието „Трака“ , таму им давате простор на сите нови и веќе познати автори, како ги мотивирате поетите да ви праќаат поезија?
Моето искутво покажува дека поетите се веќе мотивирани да испраќаат песни во списанието.
Од 2013 година, организатор сте на меѓународниот „Тесалиски поетски фестивал“ кој се одржува во 4 градови во Грција,дали може да ни кажете кога ќе се одржува оваа година и што ќе биде во фокус?
„Тесалиски поетски фестивал“ годинава ќе се одржи од 26-ти до 30-ти август во Лариса, Волос, Трикала и Кардица. Темата на фестивалот е иднина, така што фокусот ќе биде ставен на изразување на стравот, како и на надежта – и на артикулирање на потенцијалот за полоша или подобра реалност.
Кои се вашите планови за во иднина, дали пишувате нешто ново?
Неодамна пишував. Собрав многу материјал и го имам првиот нацрт на книгата. Сега уште некое време ќе работам на тоа но ми треба повеќе слободно време за да ја завршам.
Што би им порачале на младите поети?
Да бидат страсни за поезијата, за она што ги тера да пишуваат поезија, за животот и за борбата за подобар живот. И да бидат многу строги додека ја уредуваат својата поезија. Дека процесот на пишување е процес на самоизразување, но кога ќе дојде време да ја објавите вашата поезија, вашата поезија веќе не ви припаѓа само вам. Значи секогаш мора да имате далечен пристап додека уредувате. Затоа што поезијата првенствено е јазик, како што фотографијата е слика. Би ги советувал младите поети да соработуваат, да разменуваат идеи и да се поврзуваат со другите поети од нивната генерација.
Симона Паскоска