Таравари: Десет пациенти денеска ќе бидат пуштени дома, нема повеќе упатувања во странство

Бројот на хоспитализирани пациенти моментално е 162, а десет пациенти кои лежат во државата денеска ќе бидат испишани и пуштени на домашно лекување, информираше денеска министерот за здравство Арбен Таравари.

„Вчера имаше тројца пациенти кои ги испишавме, така што моментално во Клинички центар се хоспитализирани 25 пациенти, во ГОБ ‘8 Септември’ се 12 пациенти, во Стара градска болница 11 пациенти и во Клиничка болница Штип 1 пациент, а во приватните болници има 9 пациенти“, рече Таравари.

На лекување надвор од државата се 115 пациенти. Во Србија се 30 пациенти од кои двајца се екстубирани, во Бугарија 15 пациенти од кои што тројца веќе се екстубирани, сите се во стабилна состојба а некои се покритични, во Грција 12 пациенти од кои двајца критични, во Турција веќе 6 од пациентите се екстубирани, посочи министерот. Во Шпанија пак се 7 пациенти, во Австрија 5 пациенти и двајца од тие пациенти се префрлени на оддел.

„Во Унгарија се хоспитализирани 6 пациенти, од кои веќе еден е фебрилен и еден со кашлица, а другите се во стабилна состојба, во Хрватска се 5 пациенти, еден е интубиран стабилен, а другите 4 се сосема стабилни. Во Словенија се 4 пациенти од кои 3 се во посериозна состојба, во Литванија 4 пациенти од кои едниот е веќе екстубиран, Белгија 4 пациенти во стабилна состојба, Италија 4 пациенти кои се веќе на нога и можеби идната недела ќе зборуваме за протоколи за враќање на овие пациенти. Во Шведска се 4 пациенти од кои 2 во сосема стабилна состојба и во Полска се двајца пациенти од кои само едниот е интубиран, посочи министерот“, додаде Таравари.

Воедно, тој информираше дека се завршени упатувањата на повредени пациенти во странство.

„Веќе од овој состанок зборувавме за враќање на пациенти, од одредени држави има најави за враќање, ќе подготвиме протоколи и ќе бидат тука прегледувани пациентите, по што тие што се во добра состојба може да се пуштаат дома. Следниот предизвик со кој ќе се соочуваме се инфекциите, ќе бидеме максимално внимателни да превенираме се што можеме за да нема компликации, рече министерот“, истакна Таравари.

Во однос на трошоците за лекување, тој истакна дека лекувањето е бесплатно и нема потреба да се собираат средства, додавајќи дека од страна на Владата е обезбедено за двајца родители или членови на семејство да патуваат и да се сместат во сите држави каде што има хоспитализирани пациенти.