Научниците повикаа на големо клиничко испитување на состојка која ја има во голем број енергетски пијалаци, откако истражувањата спроведени врз животни покажале дека оваа супстанца може да го забави процесот на стареење и да промовира поздрав живот.
Експертите утврдиле дека нивоата на микронутриентот таурин опаѓале со стареењето, но дека внесување на оваа состојка го подобрило здравјето на глувците и мајмуните, а дури и го продолжило животниот век кај глувците.
Не е јасно дали луѓето би имале идентични придобивки на ист начин, или пак дали потребните високи дози на таурин се воопшто безбедни, но научниците веруваат дека доказите се доволно цврсти за да поттикнат поголема клиничка студија, особено бидејќи тауринот природно се создава во телото и веќе се користи како суплемент во пониски дози.
„Количината на таурин се намалува со стареењето и спречувањето на природниот пад прави животните да живеат подолг и поздрав живот. На крајот на денот, овие сознанија треба да бидат релевантни и за луѓето“, објаснува д-р Виџај Јадав, кој го водел истражувачкиот тим на Универзитетот Колумбија во Њујорк.
Професорот Хенинг Векергаг, молекуларен физиолог од тимот на Техничкиот универзитет во Минхен, вели дека клиничкото испитување би споредувало како луѓето се однесуваат по дневно земање на таурин, или плацебо.
„Веројатно ќе биде тешко да се увиди дали тие живеат подолго, но најмалку што можеме е да провериме дали живеат поздраво подолго време, а тоа, се разбира, е целта на медицината“, вели професорот.
Тимот на Јадав претпоставиле дека тауринот е можен двигател на процесот на стареење во 2012 година, кога анализа на состојките на крвта покажале драстично опаѓање на овој микронутриент при стареењето кај глувците, мајмуните и луѓето. На возраст од 60 години, нивоата на таурин кај просечен човек опаѓале за една третина од оние на петгодишник.
Ова откритие предизвикало тимот да го тестира влијанието на дополнителен таурин кај глувците на средна возраст. Покрај подобрување на здравјето, глувците кои примале таурин живееле подолго во просек за 10% кај мажјаците и 12% кај женките, што значело околу три до четири месеци подолг живот. Овој сооднос кај луѓето би изнесувал од седум до осум години плус, со доза која би изнесувала од три до шест грама таурин дневно.