Во Монтажната/Мобилна галерија во скопскиот Парк на Франкофонија утре, петок 7 февруари, од 20 часот ќе биде отворена „Те гледам, ми пречиш“, дипломска изложба на Камелија Каламерникова.
„Преку визуелната аналогија на мувата, Камелија ги претставува оние мисли кои се секојдневни појави, а истовремено досадни и вознемирувачки, кои нè поместуваат и неприметно нè насочуваат кон одредени постапки. Навидум безопасна, мувата е штетник“, стои во најавата.
Преку нејзиното творештво, Камелија ја истражува човековата психа, која е минлива, нежна и подложна на секакви влијанија. Ја интересира тенката граница помеѓу објективната реалност и субјективното искуство.
„Инсектите особено завземат клучно место во нејзините дела. Прави паралели помеѓу инсекти и мисли, со тоа што и двете можат да бидат инвазивни, непосакувани, брзо да се размножуваат и ако не се реагира на штетните меѓу нив, се способни да предизвикат поголеми проблеми. Исто како инсектите, така и мислите можат да се анализираат, да се утврди нивната природа и да се воочи шаблонот по кој се водат. Така се стига до решение за справување со нив.
Делата во оваа изложба се покана за размислување, што е тоа што вам ви пречи во секојдневието? Што правите за да го прекинете зуењето?“, се вели во најавата.
Камелија Каламерникова (2002) е визуелна уметница од Струмица. Во 2020 се запишува на Факултет за ликовни уметности – Скопје, на сликарскиот смер, отсек графички дизајн.
Главно се занимава со сликање и цртање, но екпериментира и со други форми на визуелна уметност како видео, фотографија, перформанс, дизајн.