Театар комедија во соработка со здружението „Полио плус“ за новата театарска сезона обезбеди поголема пристапност за лицата во ортопедски колички и со потешкотии во движењето.
За претставата „Дони Дарк“, која ја раскажува приказната за млад човек со оштетен вид и неговото осамостојување од семејството, првпат ќе има и титл на текстот за глувонемите лица, а со жолти ленти ќе бидат обележани холовите за лицата со оштетен вид непречено да дојдат до малата сцена – нов сценски простор за седумдесет гледачи, каде што ќе биде изведена претставата.
Шалтерите на билетарницата како и шкафови од гардеробите се приспособени за лица со хендикеп. На големата сцена, пак, ќе бидат извадени неколку седишта за да се направи простор за инвалидски колички.
По добиените стручни совети и по реземените активности од страна на Театар комедија, тимот на „Полио плус“ го обележа објектот како достапен за лицата со попреченост.
![](http://www.radiomof.mk/wp-content/uploads/2017/09/doni-dark.jpg)
Официјалниот постер за претставата „Дони Дарк“
Вчеравечер, симболично, беше изведена претпремиера на романтичната комедија „Дони Дарк“, додека премиерата е закажана за вечер.
Оригиналниот текст е на американскиот писател Леонард Герш, а режијата на Роберт Ристов, кому ова му е магистерски труд. Насловниот лик во претставата го толкува Даријан Петров, а во другите улоги настапуваат: Мирјана Поповска-Ристов, Магдалена Ризова-Черних и Сашо Ристовски, кој е нов член на Театар комедија и негов уметнички директор.