Алтернативниот курикулум на Факултетот за драмски уметности започнува во понеделник (6 април), со алтернативно предавање на тема „Театарот и отпорот“ на професорката Ана Стојаноска.
Предавањето е закажано во 20:30 часот на сцената на ФДУ , а влезот е слободен.
Проф. д-р Ана Стојаноска од март, 2002 година работи како хонорарен соработник – истражувач во Институтот за театрологија, при Факултетот за драмски уметности – Скопје. Подоцна станува координатор – истражувач во истиот институт. Во септември 2003 година заминува на студиски престој во Музејот на театарската уметност на Србија, а за помлад асистент по предметот македонска драма и театар на Факултетот за драмски уметности – Скопје е избрана во април 2004г. Во 2010 година е избрана за доцент по истиот предмет, а во 2011 и за предметот компаративна книжевност. Од учебната 2012/2013 година го предава и предметот историја на светска драма и театар. Овие предмети ги слушаат студентите од сите студиски групи на Факултетот за драмски уметности – Скопје.
Ангажирана е со свои предмети и на мастер/постдипломските и во тек е постапка за акредитација на докторските студии на факултетот, каде што има три предмети . Член е на Здружението за компаративна книжевност на Македонија и член на Програмскиот одбор на Македонскиот ИТИ – УНЕСКО.
Објавува поезија, проза и есеистичко-научни трудови од областа на театарот, родовите студии и книжевно-критичката теорија во македонската и странската книжевна периодика. Активно соработува во редица настани од театарската музеологија во земјата и странство.