Културниот, забавниот и едукативен настан „Плејбек театар“, ќе се одржи вечерва, на 25 јуни, во Домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје.
Со почеток во 20 часот, публиката ќе може да учествува во театар на импровизација, со тоа што посетителите ќе ги раскажуваат приказните, а актерите преку специфични техники ги развиваат и засилуваат раскажаните приказни, враќајќи им ги на гледачите како во огледало.
Организатор на настанот е Здружението за психотерапија и едукација „Амигдала“, во соработка со Алтернативниот театар „Отпишани“.
Едукатор и водител на настанот е психологот Мирјана Јовановска Стојановска, продуцент е Марјан Анѓеловски, а ќе учествуваат актерите Елена Ѓорѓевска, Огнен Велевски, Јасмин Рамани, Ристе Мицевски и Сара Николовска, Ивана Стамевска и Марјан Анѓеловски.
„Настанот е интерактивен, актерите и публиката заедно ќе креираат ‘сигурно место’ каде што ќе можат да бидат раскажани/донесени доживувања, преживувања, дилеми, размислувања, настани и се што членовите на публиката ќе го донесат со себе. Водачот на актерската група ќе ја покани публиката да раскажат свои приказни. Актерите ќе го одиграат на сцената овозможувајќи на раскажувачот на приказната и на публиката да отворат нови хоризонти на гледање и доживување на раскажаната приказна“, велат организаторите.
Оттаму додаваат дека на раскажувачот, активноста ќе му овозможи да може да се види себе си, своите доживувања, емоции и однесување од страна што му овозможува да гради нови стратегии за справување со животот.
Влезот е бесплатен.