Театарот под лупа на културните работници: Колку е важен и дали нешто му недостасува?

Како една од најстарите форми на уметничко изразување, концептот на театар свој меѓународен ден добива во 1961 година, кога Меѓународниот театарски институт одлучува 27 март да го прогласи за Светски ден на театарот.

Од првите изведби кои се случувале пред илјадници години во античките амфитеатри, до денес, најчесто на сцена со црвени столчиња за публиката, театарот се менувал, но неговото подражавачко својство на уметност која постои од и за луѓето останува исто. Општеството на современиот човек постојано подлежи на нови промени, од воведување на најсовремени технологии до развој на нови уметнички форми, а театарот е уметноста што се одржува и активно опстојува како светот, така и кај нас.

По повод 27 март, секоја година се испраќаат театарски пораки, светска и македонска. Автор на македонската порака оваа година е филмскиот актер и театарски режисер Коле Ангеловски, а на светската Јон Фосе, норвешки писател и драматург. Нив може да ги прочитате овде.

За тоа зошто е важен театарот и што им недостига на театарџиите кај нас за да биде подобро, ние одлучивме да прашаме неколку театарски и културни работници.

Еве ги нивните одговори:

Нела Витошевиќ, режисерка

Улогата на театарот е да ги стави под лупа аномалиите и проблемите во општеството, да ја поттикнува прогресивната мисла и да и помогне на публиката да отвори кај себе некои емотивни и мисловни врати кои ќе ја донесат на некое ново место и ќе ѝ отворат простор за себеспознание. На тој начин сметам дека се гради пат за делување на поединецот во општествената средина и тоа во насока во која ќе го подобрува културното живеење. Театарот како составен и суштински дел од едно општество треба да цели кон тоа да гради мостови помеѓу поединци во заедницата, но и да спојува различни култури. За мене театарот е симбол на слобода, но и средстсво за поврзување со непознатото и различното. Тој треба да биде срцето на едно општество кое ќе пулсира во ритамот на заедницата и гласно ќе го изговори неизговореното.

Нела Витошевиќ / фото: лична архива

Во моментов сметам дека театарот кај нас е маргинализиран. Она што му недостасува за квалитативно издигнување се подобри услови за работа, повеќе финансии за продукција на претстави, поголем стремеж кон вмрежување со фестивали, и можеби најважното што го гледам како суштински недостаток се похрабри театарски пристапи и појасен правец во културните стратегии како и во репертоарските политики. Со чест на исклучоци кои се на ниво, во главно сметам дека е потребно многу попрецизно да се нацртаат контурите на големата слика, низ чии агли и форми ќе можеме да увидиме во какво општеството живееме и кои прашања ќе треба да ги одговориме во иднина. Сметам дека театарот мора да мисли на иднината, да ја обмислува и реобмислува. Да биде храбар во изразот и формата, да не се плаши да зборува гласно за се она што не плаши, што го детектираме како проблем, но и за се што ни е сѐ уште непознато и ново.

 

 

Давид Ангелевски, менаџер на „Шарла“, музичар, композитор и на театарска музика

Театарот, меѓу другото, го разбирам како добро организиран, креативен отпор кон општествената реалност конструирана од политичката моќ и медиумите кои работат во полза на нејзино одржување и убедување. Во таа смисла, неговата улога ја гледам во постојаното критичко преиспитување на општеството, наметнатите вредности и норми, предрасуди и стереотипи, низ призма на приказните, потребите и состојбите на човекот. Тоа подразбира да ја држи неговата страна, и тоа до самите екстреми на човековата природа и потребата за слобода. Да му служи. Притоа, во својата естетска функција треба да умее да понуди бегство од време-просторот и да ја транспортира публиката во алтернативни реалности низ еден емоционално возбудлив и автентичен процес. Со други зборови, да може да произведува магија. Со оглед на синкретичниот карактер, театарот отсекогаш располагал со доволно алатки да биде современ и функционален, иако во ерата на нови технологии тоа ќе станува сѐ поголем предизвик. Сепак, колку ќе биде релевантен медиум во иднина ќе зависи исклучиво од нивото на креативност и вештина на неговите протагонисти да произведуваат театар кој ќе биде во чекор со времето и кој ќе успева да ја анимира публиката, и покрај моќта на персонализираните медиуми на виртуелна реалност и скрин технологиите. Можеби токму таа можност, да оперира во рамки на реалниот животен простор и во непосреден контакт со луѓето, ќе му овозможи уште долго да живее како пријатно место на навраќање и средба со човечкото, онака како што денес им се радуваме на занаетчиите, артизаните или производителите на природна храна, наспроти моќните индустрии на сѐ и сешто, нели?

Давид Ангелевски / фото: лична архива

Веројатно не сум најповиканиот да зборува за тоа што му недостасува на театарот кај нас, со оглед дека мојата улога покрива само еден помал сегмент од комплексот наречен театарска претстава и сцена воопшто. Сепак, впечаток е дека неговата состојба денес е реален одраз на општествено-политичките и економските односи во едно длабоко поделено и осиромашено друштво. Не е ни логично да се очекува културата да биде таму каде што не се образованието или здравствениот систем, на пример, и покрај целата културна традиција, потенцијалот и желбите. Лично, верувам во силата на мали колективи на храбри, талентирани и одговорни поединци, затоа и ме привлекува процесот на создавање театарска претстава. Верувам дека овде постои креативен човечки потенцијал за театар кој би му одолевал на баналноста на конзумеризмот, популизмот или инсценацијата на разни идеологии како лажни претстави за реалноста и светот. Денес, предизвик е да не се користи уметноста за манипулација со луѓето, кога веќе тоа се прави од сите други страни.

Ангела Стојановска, актерка од независната сцена

Во последните неколку години се борам со важноста на театарот за мене лично и некако доаѓам до одговорот дека не би се чувствувала исполнето и среќно на професионален план ако не го правам тоа што го правам, што за мене е најважната работа на светот. А зошто е важно да го има кај нас, според мене, затоа што ако е добро направен буди чувства кај изведувачот и публиката кои во денешно време ги подзабораваме и ни покажува каков навистина е светот или уште поважно каков може да биде.

Јас длабоко верувам во тоа дека одговорноста за сѐ што не ни е добро, треба да ја побараме во самите себе си. Сигурно на различни театарџии им фалат различни работи, ама НЗС-то секогаш ќе биде дека треба: подобрување на условите за работа, зголемување на буџетите за проектите и зголемување на бројот на театарски едуцирана публика. А, на независната театарска сцена кај нас, имам чувство дека засекогаш ќе фалат физички простори за работа и изведби.

Од претставата „Жени во Собрание“ / фото: Крон

Тони Димков, долгогодишен новинар во областа на културата и уредник на „Културен печат“

Театарот е уметност на живо изговорениот збор на сцена која за актерите значи живот, а за публиката значи можност за откривање нови, реални или фиктивни светови. Покрај уметничката, особено значајна е социјалната димензија на театарот, бидејќи овозможува чувство на здруженост и меѓу актерите на сцена и меѓу публиката во гледалиштето. Покрај многуте функции што ги има театарот ја издвојувам токму таа димензија, бидејќи пандемијата, која полека ја забораваме, и сите протоколи што следеа со неа нѐ увери дека вистинскиот театар е можен само во интеракција помеѓу актерите и публиката. Затоа театарот постои над две илјади години и ќе постои додека постои желбата актер јавно да искаже драмски текст во живо пред љубопитна публика.

Тони Димков / фото: Арбнора Мемети

Во однос на состојбите кај нас, мислам дека театрите успеваат да создадат солидни театарски продукции. Главниот проблем што го имаат театрите е што мораат да ги следат законските регулативи кои не прават разлика помеѓу уметностите и сите подеднакво ги третираат. Значи проблемот е системски и може да се разреши само со системски закон што би ја земал предвид само театарската уметност. На пример, не е добро кога за костимографијата или сценографијата на одредена претстава материјалот треба да се набавува со тендер во кој клучна ставка е најниската цена на чинење на материјалот. Друг проблем е кратењето на буџетите, па кога некој театар сака да постави покомплексна продукција мора да се повика и на ставката „сопствени средства“. Во секој случај, македонските театри имаат голем број вистински професионалци и во актерската и во уметничката екипа, кои успеваат да го одржат високото реноме на театарската уметност. Тоа што може да се подобри, а зависи од уметничките совети во театрите, е почесто да се поставуваат текстови од македонски автори на театарската сцена.

 

Билјана Крајчевска, драматург и драмски автор

Театарот е минијатура на животот, еден заеднички ентитет преку кој креативно се обидуваме да се изразиме и надоградиме себе си и другите, притоа преиспитувајќи го духовниот и социјалниот материјал на општествената структура – така театарот има политичка и пред сѐ лична одговорност и важност.

Театарот е најсилниот медиум кој делува на маса луѓе -идеална платформа за промена на свеста која доаѓа токму од моментот кога некому на памет ќе му „падне идеја. А идеите „знаат да менуваат“, но и бидат опасни :) Затоа, театарот е слободен. И затоа нам овде ни е потребен – потребна ни е активна македонската публика која ќе коментира, критикува и промислува на одредена тема, па тргнувајќи од сопствените искуства да изградиме колективно, па и светско. Кон ова, ние како „театарџии“ треба да се отвориме не само на институционално ниво во меѓусебната соработка, туку и кон независната сцена, која е и треба да постане наше квалитативно мерило и во која треба да вложуваме.

На нашиот театар му потребни нови/ млади образовани уметници и уметници со искуство кое ќе го стекнуваат во меѓународната копродукција; многу да се истражува, образува и да се работи со детската публика; потребно е современо македонско драмско писмо- драмски автори кои треба да се поттикнат да творат, особено денес во услови кога претставите се градат како авторски проекти- не само под режисерска палка, која во последните години доведува до хиперпродукција и намален квалитет на претставите.

Билјана Крајчевска / фото: лична архива

Филип Јовановски, театарски сценограф, интердисциплинарен уметник и архитект

Па најверојатно театарот, за разлика од другите  уметности,  може многу побрзо да реагира на општествени, политички ситуации и проблеми без да чека по неколку години одобрувања од било какви други комплицирани продукциски бирократии (како филмот на пример).

Театарот ја имаа таа „привилегија” било кој простор да може да го трансформира во сцена и од таму да зборува за општеството.  Театарот може да се случи одма и тука, доволно е да се постави само еден тепих и на него да помине еден човек и ето, имаме театар (да го парафразирам Питер Брук J).

Филип Јовановски / фото: Трн.мк

Театарот нужно не мора да се игра само во театарски сцени згради за да зборува за проблемите на општеството. Тој е општеството и ја има моќта да го менува. Театарот е една форма на плоштад, јавен простор во кој дијалектички треба да се судираат, а не исклучуваат, мислења на различни заедници, ставови и битки.

Театарот = плоштад = сцена која обединува повеќе уметности со цел да создаде една возбудлива целина. Еден простор на доживување. Простор кој треба да создава заедништво, да менува. Затоа е важен.

Тоа што ми фалело простор за работа,  лично ми влијаело на мојата пракса, па почнав да создавам театар во градот како сцена, тоа е и моќта на театарот.  Мислам дека фалат повеќе простори за работа/проби и изведби, систем на луѓе што пишуваат за продукциите, повеќе луѓе што стручно ќе ги објаснат различните уметнички театарски пракси ставени во еден поширок историски контекст. Нам мислам дека генерално ни фали некој да не објасни, да не опише, а тоа ќе помогне да разбереме можеби поточно што фали за да биде подобро. Ни фали повеќе размена на интернационални знаења преку постоечките но може и преку создавање на нови фестивали/платформи за театар. Ни фалат повеќе гостувања на современи театарски продукции кои ќе покажат на пошироката публика дека „и ова може да биде театар”. Тоа можеби највеќе им фали на младите театарџии, да можат почесто да гледаат нови, експериментални и иновативни театарски продукции. Некогаш е доволно да гледаш една претстава која ќе ти го смени начинот за мислење за театарот, за просторот, за текстот.

Мислам дека ни „фали” (мислам ние, како поширока сцена) поголема политичност во начинот и позицијата од која се продуцираат претставите/перформансите (биле во независната или институционалната сцена). Политичноста е иманентна на театарот и мислам дека со таа политичка освестеност и јасна позиција полесно ќе се детектира, а подоцна и добие тоа што „фали”.

Со еден збор ни фали да ја освестиме идејата дека театарот треба да биде политички, да се залага за некоја јавна кауза, што е различно од (шоу) бизнис или дневно политикантство.

Ангела Бошкоска