Авторката и изведувачка Ангела Стојановска ќе го изведе својот театарски перформанс „Срам“ во „Јавна соба“, во четврток, 17 март, со почеток во 20 часот.
„Ова е моето простување со срамот од моето тело, од храната, од живеењето во оваа земја. Од срамот кој сум го негувала долго време, кој понекогаш не е лично мој и доаѓа од постапките на другите. Ова е моето прифаќање, заблагодарување и раскрстување со срамот. Време е срамот да оди кај некои други луѓе“, вели таа за делото.
Креативни соработници на Стојановска се режисерот Милош Б. Андоновски и драматургот Ева Камчевска. Истовремено, таа добила поддршка низ креативниот процес од режисерка Билјана Радиноска и изведувачката и кореографката Викторија Илиоска.
Извршна продуцентка на перформансот е Емилија Чочкова, костимографијата е на Раде Василев, сценографијата на Мартин Манев, а техничката поддршка на Филип Христовски.
Изведбата трае еден час, а цената на билетите е 300 денари. Тие може да се подигнат на каса во „Јавна соба“ или онлајн.
Перформансот „Срам“ е развиен како авторски проект на Ангела Стојановска во рамки на платформата за изведувачки уметности на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско – испробување феминистички иднини“.