Основните училишта во Техеран денес ќе останат затворени поради густиот смог предизвикан од загадувањето на воздухот во главниот град на Иран и околните провинции, пренесоа локалните власти, јавува АФП.
Вчера властите соопштиле и дека воведуваат „пар-непар“ режим на сообраќај во градот во кој живеат 8,5 милиони жители.
Слични мерки биле преземени и во декември, кога основните училишта биле принудени да престанат со работа неколку дена поради аерозагадувањето.
Просечните концентрации на најмалите и најопасните ПМ 2,5 суспендирани честички во неделата стогнаа до 144 микрограми на кубен метар во Техеран, а на одредени места достигнала највисока вредност од 169 микрограми, информирале локалните власти.
Ова е далеку преку препорачаниот максимум на Светската здравствена организација од 25 микрограми на кубен метар во текот на 24 часа.
Властите ги повикуваат најранливите категории лица, децата, бремените, повозрасните и оние со кардиоваскуларни проблеми да не излегуваат на отворено.
Секоја година Техеран се соочува со едно од најголемите загадувања на воздухот во светот кога повисоките температури предизвикуваат ефект познат како температурна инверзија. Овој феномен создава слој на топол воздух над градот кој го заробува аерозагадувањето предизвикано од над 8 милиони автомобили и мотори.
Според иранските медиуми, 80 проценти од загадувањето во градот е предизвикан токму од издувните гасови во сообраќајот.
Оваа година ситуацијата е влошена поради тоа што земјата немаше голем број дождливи денови.