Теквондо тренерот Борче Костовски е годинешниот добитник на државната награда за животно дело „8 Септември“ за неговиот придонес во развојот на спортот, афирмацијата и промоцијата на Република Северна Македонија на меѓународен план. Костовски е претседател на Теквондо федерацијата на Македонија и тренер на сребрениот олимпиец Дејан Георгиевски.
„Како министерство секогаш ќе бидеме на страна на спортистите и спортските работници. Овие награди кои ги добивате се огромна чест, но и огромна одговорност, да ги носите со гордост и со достоинство и да бидете достојни претставници на македонското општество кое врз база на вашите дејствувања ќе гледа во вас идоли“, истакна министерот за спорт, Борко Ристовски при денешното врачување на наградата во Кристалната сала на Собранието.
Признанија за остварувања во областа на спортот денеска им беа доделени и на Мирко Димчевски, Рамадан Шабани, Димитар Јованов и на Зоран Бошковски.