Тел Авив се најде на првото место како најскап град за живот во 2021 година откако високата инфлација која ги подигна цените на голем спектар производи и услуги низ целиот свет по пандемијата со коронавирусот.
Израелскиот град се искачи пет места погоре на листата во споредба со минатата година и ги престигна ланските најскапи градови Париз, Хонг Конг и Цирих според рангирањето кое го прави Економист.
Растот на Тел Авив делумно е и поради растот на вредноста на нивната национална валута, шекелот, во споредба со доларот, како и поради зголемените цени за транспорт и основни намирници.
Францускиот главен град оваа година се најде на второто место заедно со Сингапур, а во првите пет се уште и Цирих и Хонг Конг. Њујорк е на шестото место, Женева на седмото, а во десетте најскапи градови се уште и Копенхаген, Лос Анџелес и Осака.
Најголем пораст во трошоците оваа година е регистриран во Техеран, кој се искачи 50 места на индексот и се најде на 29-тото место во светот. Голем раст на цените се забележани и во Рејкјавик и Киев. Во меѓувреме најголемо намалување во трошоците за живот има забележано Рим, кој од 16-тото место е паднат на 48-то. Бангкок и Лима исто така имаат големи падови на листата.
Цената на енергенсите и храната драстично се зголеми во некои држави поради рестрикциите во трговијата, недостатокот на работната сила и долготрајните проблеми во ланецот на дистрибуција. Истражувањето покажало дека просечната цена на безоловен бензин скокнала за 21%.
Податоците за 50.000 различни производи и услуги во 173 градови во светот биле прибирани во август и септември, кога во тек беше растот на цените на транспортот и продуктите. Просечно, цените пораснале за 3,5%, што е највисоко ниво на инфлација забележано во последните пет години.
Оваа година во индексот се додадени 40 нови градови. Од нив највисоко е позициониран Единбург, кој се најде на 27-то место. Штутгарт и Сан Диего исто така се пласираа во првите 50.
Дамаск е рангиран како најевтин град за живот во светот, а на дното на индексот се уште и Триполи, Ташкент, Тунис и Алмати.