„Телефонот ѕвони многу често“, вели Јулија, СОС операторката на детската линија, на „Меѓаши“.
Таа работи како операторка на СОС линијата каде родителите се јавуваат да за добијат совет кога имаат некој проблем. Само во првата половина на оваа година, два повика на линијата биле за пријавување сексуално насилство врз деца.
„На годишно ниво, бројот е реално мал, но не можам да кажам дека нема случаи на сексуално насилство кај деца. Сигурно има многу повеќе случаи од ова што ние го добиваме како дојава“, забележува СОС операторката.
Ова тврдење се поклопува со податоците на Министерството за внатрешни работи, кои покажуваат дека шеесетина деца годишно се соочуваат со некаков вид сексуална злоупотреба. Ако се анализираат последните 4 години, бројките растат во пандемиската 2020, кога има дури 67 вакви пријави.
Така, под кривични дела против половата слобода и морал се подразбира силување, обљуба врз немоќно лице, полов напад на дете помало од 14 години, задоволување на полови страсти пред друг, посредување при вршење проституција, прикажување на порнографски материјал, родосквернавење, како и намамување или други полови дејствија врз дете помало од 14 години.
Според податоците од МВР, во 2018 година во Скопје имало 5 полови напади на деца помали од 14 години, а во Битола 12. Оваа бројка во Велес, Струмица и Штип е 3, а во Куманово, Охрид и Тетово е 2.
Во 2019 година, во Скопје и Штип имало по 6 полови напади врз деца помали од 14 години, во Струмица 5, во Битола 4, во Кумново и Охрид по 3, а по едно вакво кривично дело е регистрирано во Велес и Тетово.
Во пандемиската 2020 година, регистрирани се највисоките бројки за извршување на ова кривично дело. Оттаму, во Штип се регистрирани 9 полови напади врз деца помали од 14 години, во Скопје, Струмица и Тетово се регистрирани по 7, во Куманово 5, во Битола 3, а во Охрид 1.
Оваа година, досега се регистрирани 4 полови напади врз дете во Скопје и Битола, во Штип 3, а во Куманово, Охрид и Струмица по 1.
Но, во нашата земја, последното фокусирано истражување на темата сексуално насилство врз деца е она на Народниот правобранител, кое е објавено во 2012 година. А потоа, се јавува молк и јаз од скоро десет години без фокусирано државно истражување кое би ја обработило моменталната состојба и би ги покажала потребите и проблемите на овие деца.
„Мора да се следи состојбата, многу е лошо што има долги јазови од едно до друго истражување и се губи состојбата. Тешко ни е кога за нешто немаме истражување, а ова е толку специфично и толку малку на годишно ниво имаме пријави и дојави, некако многу е сензитивна темата“, вели Јулија.
Како да се зборува за сексуално насилство врз деца?
Според Линдита Мустафа, психолог од Заводот за ментално здравје на деца и младинци „Младост“, во општества како нашето, голем проблем е да се отфрли иницијативната стигма, особено на теми како сексуалното насилство врз децата.
„Вклучувањето на детето во активност што не ја разбира, не е развојно подготвено да мисли, има ниска свест за расудување, не знае или не може да даде согласност, постои недоволно интелектуална зрелост, слаба физичка градба, го прави детето премногу ранливо и лесно манипулативено (објект) врз основа на ова не се осмелувам да мислам какви се последиците врз менталното здравје на тоа дете, а и неговиот развој воопшто“, вели таа.
Според полугодишниот извештај на Првата детска амбасада „Меѓаши“ за 2021 година, во првата половина од годинава СОС линијата заѕвонела 151 пати, што значи дека постои можно прекршување на едно или повеќе детски права.
СОС операторката Јулија, вели дека кога ќе добијат дојави за сексуална злоупотреба кај деца, „Меѓаши“ постапува по протокол – најпрво е препознавањето на злоупотреба и запоставување на децата, второто е сомневање за занемарување и злоупотреба, а трето е пријавување на злоупотребата и занемарувањето.
При препознавањето на злоупотреба и занемарување, се поврзуваат индикаторите што посочуваат дали може да се забележат промени кај детето, промени кои многу ретко се физички, а најчесто се психолошки, или во случај доколку детето директно се довери.
Таа објаснува дека физичките докази за сексуална злоупотреба се многу ретки, но индикаторите може да бидат скината или извалкана крвава облека, болка или чешање во пределот на гениталните органи или грлото, модринки или крвавење или оток на во пределот на гениталната, орална или анална регија, вагинален исцедок, стомачни болки, главоболка или пак други психосоматски поплаки.
„Вториот дел е за сомневање за злоупотреба и занемарување кога постои случај за сомневање за постоечка злоупотреба и занемарување на децата – без притоа да има јасна информација, стручните лица доаѓаат до контакт со детето и неговото семејство, го пријавуваат случајот во Центарот за социјална работа или до полицијата“, вели Јулија.
Третиот чекор е пријавувањето за сомневање за злоупотреба и занемарување до Центарот за социјална работа кој понатаму го координира случајот – односно, при сексуална злоупотреба на дете надлежен е Центарот за социјална работа.
„Јас кога постапував по еден случај, тоа беше дојава, каде беше доставено видео на кое што имаше очигледна сексуална злоупотреба на девојче, ние веднаш алармиравме да се тргне видеото затоа што слушнавме дека се ширело по социјални мрежи, го известивме Одделот за сајбер криминал при Министерството за внатрешни работи, ЦСР, Јавното обвинителство и доколку во тој момент знаеме поконкретни информации и за кој град станува збор, можат и други институции да се информираат. Така што во такви ситуации е навистина многу важно веднаш да се интервенира и веднаш на детето да му се пружи психолошка помош и поддршка“, објаснува Јулија.
Радио МОФ најпрво проба да стапи во контакт со подрачно одделение на Центарот за социјална работа, но оттаму за изјава не упатија во главното седиште на Центарот за социјална работа. Оттаму не известија дека за изјава дозвола треба да даде Министерството за труд и социјална политика, од каде никој не ја крена слушалката, ниту пак одговори на нашиот мејл.
Јулија се надоврзува дека во некои случаи, се случува да се одолговлечат судските постапки, па потребно е да се преземат дополнителни чекори за да се заврши правниот процес.
„Кога затајува со работа Јавното обвинителство, доколку има случај кој бил пријавен пред две години и две години нема преземено ништо, случајот тапкал во место, а станува збор за сексуално насилство кај дете, тогаш ние испраќаме барање малку агилни да станат институцииве, и со претставка се обраќаме и кон Народниот правобранител“, додава Јулија.
Алтернативен извештај за состојбата на правата на децата
Во Алтернативниот извештај на Меѓаши, децата, на возраст од 12 години и повеќе, имале можност сами да ги срочат проблемите кои ги сметаат за сериозни, а меѓу нив е и проблемот со педофилијата.
„Нашите препораки за да се заштитиме од ваков вид на насилство е да имаме соодветни едукации за како да имаме соодветна заштита за децата и како да постапуваат доколку се жртва на ваков вид на насилство. Децата уште од градинка треба да се едуцираат за нивната сексуалност, како да се заштитат од педофилијата и како да постапат доколку бидат жртви“, напишале децата.
Тие наведуваат дека е потребна едукација за родителите и за наставниците, а една од нивните препораки е во училиштата да има повеќе психолози каде што децата ќе можат еднаш месечно да одат, да разговараат со психологот, тоа да биде рутинска постапка, за нешто конкретно за што тие сакаат да поразговараат.
Според Јулија, клучно е да се разбере дека сексуалната злоупотреба кај детето ја врши некој што детето го познава и му верува.
„На територија на Македонија, генерално, сексуалната злоупотреба како проблем се случува од некој што е во кругот на семејството, на пријателите, соседството, – некој во кој детето може да се потпре и може да има доверба. Во мал број на случаеви, тоа е некој кој што детето не го познава, прво на тоа ниво мора свесно родителите да размислат – дека меѓу 80 и 90 отсто од сексуалните злоупотреби ги прават луѓе кои на децата им се познати и блиски, меѓутоа меѓу нив има и одговорни граѓани кои со своето однесување и со уредно функционирање се во многу области во живеењето“, вели таа.
Кои се злосторниците?
Интересен е фактот дека според податоците на МВР за годините 2018, 2019, 2020 и 2021, во кривичните дела против половата слобода и полов морал, скоро сите сторители се мажи. Биле осудени само три жени за посредување при вршење проституција, и тоа една жена била приведена за ова дело во 2018, а две во 2020.
Психологот Мустафа објаснува дека кога се пристапува кон дете кое поминало низ сексуално насилство, со него треба да работи детски психолог, детски психијатар, вештак, или специјалист кој е оспособен за контакт со деца. Според возраста, во пристапот може да се искористат разни техники, како „play therapy“, односно техниката во која се употребуваат кукли, но не се исклучуваат и други техники – како на пример цртање.
„Кај дете со кое може да се води разговор треба да се запази – детето да не биде надополнувано во исказите, да не му се сугерира, разговорот да биде во атмосфера која нема да го трауматизира дополнително, без чести прекинувања, како и лицето кои го води разговорот ги знае основните термини кои ги користи детето или неговите врсници. Најважно од се во првата средба е довербата“, вели психологот.
Откако ќе се воспостави првиот контакт со детето и ќе се стекне меѓусебната доверба, стручните лица не мораат да инсистираат на првата средба да се дознаат сите факти, туку разговорот може да се води во повеќе наврати, имајќи предвид да не се создава дополнителен стрес и траума.
„Стравот и срамот да не бидат осудувани, обвинети или исмеани од блиските и околината, се пречки децата да се препознаат како жртви и да им се доверат некому. Овде психологот има важна улога објаснувајќи му на детето дека што и да се случило тоа не е виновно и без разлика што мислат другите за него,тоа е потполно невино. Во овој дел психологот работи и со родителите на детето и најблиските“, вели Мустафа.
Според неа, статистиката покажува дека 48 отсто од предаторите биле роднини, познаници, пријатели или соседи на детето, што прави тие потешко да се распознаени. Па така, манипулирањето станува лесно бидејќи детето го познава предаторот.
Мустафа објаснува дека насилникот емоционално го манипулира детето, добронамерно доближувајќи му се на детето преку купување на подароци, нудење превоз, носење на прошетки и користејќи ги интересите и желбите на детето – со купување на телефон, лаптоп, или друг вид на подароци, па детето бара да се види со натрапникот.
Истовремено, сексуалниот предатор може да биде препознаен по неговата желба да се дружи со деца и иако е возрасен, има малку пријатели на своја возраст. Покрај тоа што поминува многу време со децата, тој може да покаже необичен интерес за физичка игра со детето како што е борење, скокоткање, гушкање и сличен физички контакт.
„Манипулативниот говор е нивна јака страна одигрувајќи улога на жртва за да на детето му биде жал да го одбие, навреди или повреди. Најчесто овие лица преземаат преголема грижа за детето како на пример, бањање, бришење со пешкир, менување долен веш, масирање и допирање по телото, сето тоа во името на „играта“, вели психологот.
Едукација е потребна и на родителите и на наставниците
Јулија објаснува дека предаторот не е „болен човек“, дополнувајќи дека сепак станува збор за некаква дијагноза, но уште поважно нагласувајќи дека не секогаш може да се препознае дали некој во општеството има некаква намера.
„Ова е специфична проблематика, мора да се работи на сите три нивоа – и со децата, и со родителите и со наставниците. Сите три нивоа треба да одат паралелно“, вели таа.
За издржливо решение, Јулија вели дека е потребно да се држат воннаставни активности, да се работи со родителите, наставниците, сите треба да се едуцирани на различни начини, сосе индикаторите, психолошките и физичките фактори.
Јулија дополнува дека според Алтернативниот извештај и според свесноста на децата, се намалува стигмата околу зборувањето за сексуалната злоупотреба кај децата.
„Со ССО се оди можеби во насока на децава да им се укаже, да се научат сите оние биолошки работи за едно битие, за машко, за девојче, како се чувствуваш, како постапуваш, што претставува сексуалниот и родовиот идентитет, како понатаму во животот. Јас ќе се радувам доколку тоа придонесе да се намали стигмата, отворено да се зборува, само така можеме да им помогнеме да децата за понатаму за било каков проблем да се отворат и да не чувствуваат вина“, вели таа.
Потребна е поголема системска поддршка
Од здружението „Хера истакнуваат дека од досегашното искуство на терен и наодите од истражувањата, неспорно е дека младите недоволно се информирани за насилството во сите негови форми, а особено за сексуалното насилство.
„Овие информации тие треба да ги добиваат од страна на образовните институции и стручни лица, а на тој начин ќе ги заштитиме овие одговори да ги бараат преку алтернативни канали кои можат повеќе да им наштетат отколку да им помогнат“, велат оттаму.
Според ХЕРА, истражувањата покажуваат дека родителите и наставниците кога станува збор за едукација и сексуално образование со најголем процент од 96 и 99 % сметаат дека нивните деца треба да се едуцираат на тема насилство.
96 отсто од родителите изјавиле дека сакаат нивните деца да научат како да се заштитат од сексуалното насилство во секојдневниот живот и насилството на социјалните мрежи и 99 отсто од наставниците изјавиле дека нивните ученици имаат потреба да бидат информирани како да се заштитат од сексуалното насилство во секојдневниот живот и насилството на социјалните мрежи.
Од ХЕРА истакнуваат дека ваквите бројки покажуваат дека голем дел од нив се соочиле со ваков проблем, а немале доволно информации за тоа каде да се обратат, како да го решат проблемот и како да го препознаат, дополнувајќи дека Сеопфатно сексуално образование е палета од теми поврзани со сексуалното репродуктивно здравје и една од седумте компоненти е токму насилството.