„Терапија“, платформата чија цел е креирање на простор за развој на независна културна и клупска сцена, на 16 декември (сабота) одбележува три години постоење.
За таа цел, „Терапија“ за роденденот најавува два настани.
Првиот е уникатна pre-party забава со илустраторот, радио-водител и креативец – Индог.
„Тој ќе ни презентира различни музички жанрови. Од џез и хаус, па се’ до диско панк. Сепак, на 16 декември, во BKW публиката ќе може да погледне и дел од неговата последна изложба ‘Во цут’. Менталното здравје е во фокус на оваа изложба, преку која се презентираат нови визии за колективното добро, за заштита на природата и луѓето. Индог ќе презентира широк спектар на винили, од различни временски епохи и стилови“, стои во најавата за настанот што ќе почне од 21 часот.
Потоа, журката после полноќ продолжува во „Минус еден“, каде од Германија доаѓа младата Ели Акула, која поврзува техно, рејв, брејкбит, електро и џангл.
„Нејзината енергија ги освои европските места како Berghain/Panorama Bar, Printworks – London, Fabriclondon и Robert Johnson, како и повеќе подиуми во Јужна Америка и Австралија“, се вели во најавата.
Исто така, вечерта во „Минус еден“ музика ќе пуштаат и домашните диџеи Флудер и Ивана Драгшиќ.