Звучниот уметник и културен истражувач, Тони Димитров од Македонија беше вклучен од меѓународниот проект „Пандемски звучни пејзажи – звуци низ Европа за време на пандемијата со коронавирус“.
Димитров, кој е долгогодишен радио водител и радио активист преку емисијата „Post Global“ на култното радио „Канал 103“, снимаше теренски звуци за композиција која содржи 21 снимка од 17 европски земји, направени меѓу март и мај 2020 година, при првите европски карантини.
„Се работи за проект како дел од изложбата ‘History in the Making: Documenting Covid’ на музејот House of European History од Брисел, кој имаше за цел на различни начини да го отслика периодот на карантинот низ Европа, а оној аспект во кој се вклопив беше звучниот. Главната цел на истражувањето кое резултираше со звучна композиција, беше да се лоцира влијанието на карантинот (локдаунот) врз европските звучни пејзажи“, нагласува Димитров за Радио МОФ.
Тоа значи, вели тој, преку звук да се доволи овој период кој го поминавме во навидум звучно пооскудна атмосфера, но сепак тоа не значи и помалку возбудлива.
„Напротив, можеа да се чујат работи на кои обично не обрнуваме внимание. На пример, звукот кој ве опкружува во вашата непосредна околина, а несвесно го игнорирате; или пак звукот кој можеше да се чуе околу нас кога градската врева беше стишана, како на пример звукот со кој изобилуваше мојот двор каде претежно го поминав затворањето и ја направив теренската снимка. На покана на звучната артистка Maра Марацинеску од Романија и неколку други саунд артисти од различни земји го отсликаа звучниот пејзаж од нивната околина, за сето тоа да биде споено во оваа звучна композиција или ‘карантински’ звучен пејзаж“, објаснува Димитров.
Инаку, Димитров е и планинар, комуниколог, фотограф, диџеј, продуцент во „Post Global Trio“ и сопственик на македонскиот музички лабел „Post Global Recordings“.