Програмски грешки, потешкотии да се најде и нејаснотии при користењето, се дел од првичните забелешки на интернет корисници за новата апликација „Стоп корона“ која од вчера е достапна за преземање и користење.
Апликацијата треба да му помогне на Министерството за здравство за полесна контрола на ширењето на новиот коронавирус и брзо пронаоѓање на заболените. Но, според коментарите на социјалните мрежи и „Google play store“, најголема нејаснотија кај граѓаните е кој треба да прати податоци преку достапното копче во апликацијата – тој што е заразен, или секој што ја користи.
„Испратив податоци по грешка, што значело дека човек е всушност болен. Предлагам наместо ‘Испрати податоци” копчето да се преименува во ‘Имам Ковид-19″ или нешто слично, за да не добиеме премногу лажни позитивни случаи од човечка грешка и неинтуитивен дизајн“, гласи една од забелешките.
„Премногу багови, неколку пати во 10 минути ми пушта нотификација дека е активна. Не сум сигурен ниту дека на овој начин ќе помогнеме да се спречи ширењето на вирусот“, се надоврзува друг.
Има и такви кои ја фалат апликацијата, но не се пожалија дека не можеле лесно да ја најдат.
„Апликацијата е одлична, меѓутоа кога се пребарува во PlayStore, во резултат излегуваат само две апликации, и тоа на Влада на РМ и СЗО, а апликацијата СтопКорона! не е видлива за корисниците. Линкот до апликацијата го има само во мал број портали“, гласи еден од коментарите.
Апликацијата функционира на тој начин што откако ќе се активира, таа комуницира преку „Bluetooth“ со другите корисници на апликацијата и разменува податоци за оддалеченоста на сите уреди кои се во ваша близина, на далечина релевантна за ширење на заразата, определено време во текот на 14 дена.
Па така, во случај некој корисник на апликацијата да заболи од вирусот, Министерството за здравство, ќе побара корисникот на апликацијата да ја сподели со Министерството листата на неговите записи во апликацијата, по што надлежните ќе ги детектираат телефонските броеви и ќе ги информираат лицата дека биле во контакт со лице кое е носител на Ковид-19. Надлежните уверуваат дека во процесот на изработка се водела сметка за целосна заштита на приватноста.
„Стоп Корона“ е изработена и донирана од „Nextsense“, во консултации и со поддршка од Министерството за информатичко општество и администрација.
Во само еден ден, апликацијата ја инсталирале повеќе од 5.000 граѓани.
Е.П.