Тест, потврда за прележаност или вакцина за Ковид-19 ќе бидат потребни и за излез од земјава

Сертификат за извршена имунизација со примени две дози вакцина против коронавирусот, сертификат за прележан коронавирус во последните 45 дена или потврда за негативен резултат од ПЦР тест, направен 72 часа пред излез од земјава или негативен брз тест за антигени тела направен 48 часа пред излез.

Ова се документите кои домашните и странски државјани ќе треба да ги приложат за излез од територијата на Република Северна Македонија, информираат од Владата по вчерашната владина седница на која донесоа нови мерки.

„Владата ја дополни и одлуката за задолжителен домашен карантин во траење од 7 дена доколку при влез во државата немаат негативен ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан КОВИД-19, при што времетраењето на карантинот може да се скрати на 5 дена доколку во тој период биде приложен негативен ПЦР тест. Ова важи и за домашни и за странски државјани. Трошоците за изолација на странските државјани е на нивни трошок“, се додава во соопштението од владината прес-служба.

Истовремено, Владата донесе и измени со кои се предвидуваат исклучоци од мерката за македонските и странските државјани возачи на товарни моторни возила.

Владата усвои и исклучок од мерката за транзит за авионските екипажи кои слетуваат на меѓународните аеродроми во земјава, според кои наместо 5 часа им се дозволува подолг транзит престој поради природата на нивната работа.

Претходно Владата донесе одлука со која од денеска за влез на територијата на Северна Македонија е потребно да се приложат исто така, сертификат за извршена вакцинација, односно примени најмалку две дози на вакцина, сертификат за прележан коронавирус во последните 45 дена, како и медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, направен 72 часа пред влезот на територијата на С. Македонија.