Преку мултимедијална едномесечна програма, насловена „Тетовирани импресии“, Факултетот за драмски уметности (ФДУ) ќе посвети месец на драматургот и писател Горан Стефановски.
Од 27 март до 27 април, посетителите преку факултетската програма ќе може да се потсетат на творештвото на Стефановски кое „претставува бескрајна инспирација за минатите, сегашните и идните генерации на факултетот – „Бушава азбука“, „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Чернодрински се враќа дома“…, сѐ до „Огнени јазици“.
„Во рамки на програмата ќе гледате испитни претстави и етиди по текстови на Горан, проекции на филмови по негови сценарија, и презентација на документарен филм во реализација, посветен на неговото дело. Ќе слушнете како изгледала соработката со Горан преку дискусии со неговите долгогодишни соработници, а и музичка програма во соработка со студенти од Факултетот за музичка уметност. Програмата ќе се заокружи на 27 април, неговиот роденден“, велат од ФДУ.
Програмата ќе започне на 27 март, на Денот на театарот.
Влезот за сите настани е слободен. Деталите за секој настан ќе бидат дополнително објавени на веб-страницата и социјалните мрежи на Факултетот за драмски уметности.