Со протест пред Министерството за животна средина и просторно планирање во Скопје, стотина активисти од Тетово побараа од надлежните да не дозволат пролонгирање на рокот за ставање во функција на филтрите на индустриските капацитети во тетовскиот регион. На само десет дена од истекот на овој рок, тие допатуваа во Скопје со цел да ја алармираат јавноста за она што се случува во нивниот град и да побараат преземање итни мерки против загадувањето.
„Тетово и понатаму останува град со најзагаден воздух во земјава. Еве и последниве 5 дена тетовци дишат воздух кој е двојно позагаден со ПМ 10 честички од дозволеното“, истакна Елена Мишевска од „Иницијативата Заедно против загадувањето на Тетово“.
Со цел да го покажат размерот на загадувањето, активистите пред министерството изведоа и перформанс во кој дел од нив паднаа на земја, а со тоа симболично покажувајќи го ефектот на загадениот воздух врз здравјето на граѓаните.
„Јас како жител на Тетово директно сум засегнат од загадувањето. Ние веќе ги чувствуваме здравствените проблеми,отежнатото дишење, кашлање, печење во грлото. Крајно време е да се преземе нешто околку тоа“, вели Димитар Филиуца, кој утрово допатува во Скопје за да учествува на протестот.
Активистите од иницијативата „Заедно против загадувањето на Тетово“ ги доставија своите барања во архивата на Министерството. Забележуваат дека иако протестот беше најавен, министерот не се сретна со нив.
Рокот за поставување филтри, односно за исполнување на стандардите за добивање А интегрирана еколошка дозвола за индустриските капацитети истекува на 1 април. Надлежните се уште не даваат одговор на прашањето дали овој рок ќе биде продолжен.