Санитарната инспекција денеска беше проверка на тетовската гимназија„Кирил Пејчиновиќ“ , еден ден откако за време на наставата се сруши дел од покривот на објектот. Утрово, како што објаснуваат учениците за Радио МОФ, немало настава во прва смена. Тие се организираа на краток протест пред бараките од гимназијата, за по 9 часот да си заминат дома.
За време на бојкотот, по еден претставник од секој клас и професор биле примени на состанок кај директорот на гимназијата Намиќамил Мустафа. Тој, како што сведочат учениците, им посочил дека најдоцна до понеделник ќе даде известување дали ќе биде најдено привремено решение и привремени училници додека се работи на санирањето на покривот.
Родителите се во паника, но тешко се одлучуваат да зборуваат со медиумите.
„Срамота е во 21 век нашите деца да учат во такви мизерни услови. Подовите, клупите, столчињата, прозорите и тоалетите се во распадната состојба. До кога ќе тераат вака?“, прашува А.К, родител на ученик во тетовската гимназија.
И за утре учениците најавуваат бојкот на наставата се додека не се најде решение за овој проблем, а велат дека на протест ќе им се придружат родителите.
Според министерот за образование Спиро Ристовски, немало паднат покрив во гимназијата и таквата информација била обид да се политизира состојбата со училиштето.
„Воопшто не станува збор за паднат покрив, туку за делумно пропаѓање на дел од таванот како резултат на активност на еден работник кој бил таму за да изврши токму санација на објектот. Се работи за интервенција од општината заради тоа што во тоа училиште навистина е неопходно да се изврши комплетна реконструкција и санација. Министерството за образование и наука пред два дена го заврши делот од тендерската постапка за целосна реконструкција и санација на тоа училиште, изјави Ристовски.
Тој најави дека за две недели се очекува да заврши електронската аукција и периодот за жалба за веднаш потоа изведувачот да изврши комплетна реконструкција на училиштето за што се обезбедени повеќе од 16 милиони денари.
Рушењето на дел од покривот на тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ ги отвори старите проблеми. Учениците кои следат настава на македонски јазик со години се во опасност учејќи во старите и дотраени бараки на некогашното медицинско училиште. Покривот прокиснува, прозорите и вратите се искршени, учениците учат во ладни училници.
„Седевме на клупа и наеднаш падна дел од покривот. Се плашиме да учиме во овој објект, но немаме излез“.
„Професорите не не поддржуваат во нашите барања за прекин на наставата се додека не се најде друг инфраструктурен објект каде што би можеле по безбедно да учиме“, велат за Радио МОФ средношколци од гимназијата.
Според директорот Мустафа, гимназијата се соочува со просторни проблеми. Тој вчера се правдаше дека немало место каде да се дислоцираат учениците додека се врши санацијата на покривот. Според него неопходна била санацијата на дел од покривот, согласен е дека на објектот му треба комплетно реновирање, но кога ќе се случи тоа не даде одговор.
Б.К и Е.М