Во Центарот за балканска соработка „Лоја“, во Тетово, синоќа, во рамките на локалната младинска кампања „Тетово – еден град за сите“, беше промовиран документарно-репортажниот филм „До кога?“, во режија на Глигор Кондовски.
Низ краткометражниот филм се прикажани позначајните проблеми со кои се соочуваат граѓаните на Тетово, односно проблемите со водоснабдувањето, кучињата скитници, паркинг просторот, сообраќајниот метеж и нечистотијата во градот. Покрај граѓаните на Тетово, во филмот се интервјуирани и претставници од локалните институции кои се одговорни за решавање на проблемите во општината.
Во вториот дел од настанот се отвори дебата за темите кои се опфатени во филмот. Присутните граѓани, претставниците од невладините организации и политичките партии отворено дискутираа за проблемите и заеднички бараа решенија. Сите предлози и решенија за проблемите за кои се дискутираше на дебатата (пред се, за шутот, ѓубрето, потребата од повеќе контејнери, одржување и на зелените површини и др.) ќе им бидат доставени на општината и на локалните институции.
Локалната кампања се спроведува во рамките на проектот „Млади промотори на слободата на изразувањето“, поддржан од ЕУ преку европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), а го реализираат Фондацијата НВО Инфоцентар и Младински образовен форум.
Бобан Костадиновски
Фото: Глигор Кондовски