The Hidden Cameras: Секој нов албум го правиме се подолго

Шеснаесеттото издание на Таксират оваа година започнува со промотивниот концерт на култниот канадски бенд „The Hidden Cameras“. Пред концертот на познатата инди-поп група предводена од извонредниот музички уметник Џоел Гиб што ќе се одржи на 1. октомври во „Кино Фросина“ во МКЦ, фронтменот за Радио МОФ зборува за новиот албум, за „црковниот геј фолк“, како и за настапот во Скопје.

The Hidden Cameras:

Оваа година вие го издадовте вашиот шестти студиски албум наречен AGE, со кој ја прекинавте пет годишната пауза. Имаше ли посебна причина зад таа пауза?

Всушност ова е нашиот петти студиски, доколку не го бориме албумското издание со четири песни, како и EP изданијата. Дали е навистина толку голема пауза? Како некој старее, така и времето се движи побавно. Секој албум бара се повеќе од мене, така што има смисла, секој нов албум да се работи подолго. Исто така имавме и турнеи, но и други креативни проекти во текот на оваа пауза.

Пред повеќе една деценија вие ја опишавте вашата музика како „црковен геј фолк“. Дали се смени нешто во тој поглед?

Беше точно пред 13 години и јас го користев овој опис за нашите живи настапи на флаерите што ги користевме за промоција. Настапувавме во цркви во Торонто и со акустични гитари, тамбури и оргули ги копиравме црковните служби. Со новиот албум AGE, тоа повеќе го нема и не може да биде со ништо друго опишано освен како звукот на AGE.

Минатата година имавте соработка со Snowblink за преработка на легендарната песна од Duran Duran – The Chauffeur. Зошто токму оваа песна, и на кои други песни би сакале да правите преработки?

Snowblink ми пристапија со идејата за преработка на песна за компилацијата „Arts & Crafts“. Верувале или не, јас не бев запознаен конкретно со таа песна од Duran Duran. Колку што се сеќавам, беше тоа идеја на Даниела. Беше премногу забавно! Би сакал во иднина да направам преработки на Al Green или Sam Cooke или Dion….

hidden-cameras1

На што се должеше преселбата во Берлин и дали може да се спореди музичката сцена на Берлин со онаа во Торонто?

Пред скоро осум години се „преселив“ во Берлин. Вистината е дека поминав време и во Торонто и во Берлин и сега барам трет град. Можеби Лос Анџелес? Можеби Скопје, иако не сум бил никогаш тука… Сцената во Торонто е мешана и е повеќе насочена кон настапите во живо. Берлин пак е градот на техното, град на лап-топ артисти кои работат сами.

Во 2008 настапивте на забавата по повод пензионирањето на Мехмет Шол (фудбалерот на Баер Минхен). Дали тоа значи дека си фудбалски фан?

Воопшто не сум фудбалски фан. Сето тоа за мене е национализам, но фан сум на Мехмет. Тој е прекрасен човек.

Во пресрет на вашиот настап, што може да очекуваме од концертот во Скопје?

Многу песни од новиот албум AGE како и селекција од постарите изданија. Ќе бидеме во петчлен состав и би сакале да има со нас на сцена македонски виолиниста/ка или пак со хармоника. Некои ориентални танчерки? Или пак машки go-go танчери во Скопје?(се смее).

Николај Митрески