На изложбата се прикажани фотографии од млади во зенитот на манчестерската клупска сцена и фотографии од истите „рејвери“ како изгледаат денес.
Барем некое време, Манчестер бил единственото место за забава. Додека сé повеќе работни места се отворале на југ, колони автомобили полни со „клабери“ патувале по автопатите упатени кон север. Градот бил полн со хедонисти решени да си поминат добро, без оглед на тоа какво оштетување тоа ќе им нанесе на неврологијата или можностите за наоѓање работно место. Нивните омилени места за излегување биле The Haçienda и The International, подоцна Checkpoint Charlie’s, Sankeys Soap, The Boardwalk и Herbal Tea Party во New Ardri.
Но, што се случило со тие бунтовници кога се затворил клубот Haçienda, кога нивните студентски грантови „пресушиле“ и беа принудени да најдат работа и да пораснат? Токму тоа решила да го открие Beate Peter, академик од Manchester Metropolitan универзитетот, преку новата изложба и истражувачки проект која ќе се отвори во градот во сабота.
The Lapsed Clubber го поставува прашањето што се случило со „рејверите“ од Манчестер во 80-тите и 90-тите, откако се откажале од забавите.
Peter отворила група на Facebook во која ги прашала ветераните на сцената кои денес имаат околу 45-55 години дали сакаат да зборуваат со неа и да ѝ раскажат што прават сега.
Околу 50 луѓе одговориле и објавиле нивни фотографии од тогаш и сега. Некои покажале дека нивниот алтернативен дух не исчезнал со годините. Richard пратил своја слика во бања во 90-тите, како се релаксира на „афтерпарти“, гол и со кофа на главата. Втората фотографија ја објавил со описот „Во Индија, средовечна криза. Сега сум јога инструктор (што друго?)“.
Andy објавил негов портрет на кој „танцува и ја споделува љубовта. Herbal Tea Party, Манчестер, лето 1994“. Неговиот портрет од денес го прикажува него со сопругата ова лето, на подемот на нивната свадба во Бангкок.
Други се смириле. Проширените зеници на фотографиите ги замениле со сцени од уживање во нивните градини. Helen Darby, 44, нашла своја фотографија на која со широко отворени очи и пирс на носот се забавува во Phoenix, мал двоспратен локал во Универзитетот Precinct Centre на улицата Оскфорд, околу 1995 година. Денешната Darby забава наоѓа во националниот парк Лејк Дистрикт.
Некое време, излегувањето за неа било сé, вели за Guardian. Го пропуштила првиот бран на „рејв“ забави кој се случувале во Haçienda. Средината на 90-тите била нејзината ера и танцувала на транс и техно во клубовите Bugged Out, Megadog и Havok, a излегувала три или четири пати неделно. Еден спомен од тие денови и е особено драг.
„Знам дека звучи сосема површно и смешно, но се сеќавам како еднаш погледнав на подиумот и се загледавме со друга жена. Танцувавме совршено синхронизирано. Тоа беше еден интимен момент со комплетен странец, без осудување, без никакви импликации на сексуалност, само чиста радост“.
Престанала да оди на забави краток период после патување во Гоа во 1999 година. „Престанав да се дрогирам околу 2000, и околу две години подоцна бев во Sankeys Soap. Една девојка ме држеше за рака во тоалетот и ми кажа дека зела три апчиња. Ме праша колку години имам, и ми ја пушти раката кога реков дека имам 32. Беше вчудовидена што 32-годишна жена е во истиот клуб со неа. На некој начин го разбирам тоа: младите имаат право на своја територија“.
Интересот на Peter за Манчестер започнал кога дошла таму како студентка на размена од Берлин, пред 15 години. И самата била редовна на забавите, додека не ги родила своите две деца. Границите меѓу нејзиното слободно време и академското истражување исчезнале, сé додека не го напишала својот докторски труд за манчестерската клупска сцена со наслов „Јунг на подиумот: Забавата и потсвеста“.
Нејзината нова изложба, која е дел од ESRC фестивалот за општествени науки, ќе биде отворена во сабота. Посетителите ќе бидат охрабрени да ги споделат своите сеќавања од сцената на Мачестер, интервјуирани анонимно од компјутер наречен Voice Box.