[Интервју] „The Mole Pack“ по паузата пак се качуваат на сцена на „Андерфест“: Уметноста треба да триумфира над кичот

„The Mole Pack“ се скопски бенд кој постои од 2018 година. Свират блуз и рок, a по оправдана пауза скопската публика ќе има можност повторно да ги слушне и види утре 1 ноември на „Андерфест“ (Underfest) во МКЦ. Ова е разговор по повод нивниот настап на фестивалот.

Како се запознавте и чија беше идејата да се формира „The Mole Pack“?

Првпат ни се вкрстија патиштата околу 2012 година кога тројца од нас бевме дел од кавер блуз бенд наречен „Онија“. Нашиот четврти член, Димитар, беше во потрага по колеги блуз ентузијасти. Тоа прво сретнување резултираше со спонтана покана на Димитар да се придружи и да исвири една песна со нас. Беше тоа една изведба која што веднаш ни даде до знаење дека човекот има силна пасија кога се работи за блуз. Тој иницијален момент прерасна во настанување на едно пошироко друштво чија што главна цел беше да се свири блуз и да се дружи по скопските сокаци. Иницијативата за создавање на авторски бенд потекна од Димитар, а таа иницијатива, поддржана од сите нас, доведе до раѓањето на „The Mole Pack“. Тој предложи да формираме оригинален бенд за да создадеме наш уникатен музички идентитет. Имавме желба да ја споделиме нашата љубов кон блузот со светот, а останатото е историја!

Од издавањето на „Gambling Man“ во 2018, поминаа 6 години. Се чини дека малку подзастанавте. Дали спремате нов материјал и дали може да очекуваме нешто ново од вас во блиска иднина?

Направивме пауза првенствено поради разни обврски со кои сите ние се соочувавме изминативе неколку години. Создавањето музика од љубов одзема време и не секогаш ги плаќа сметките. Но, како и да е, сега сме тука и имаме интересен репертоар за нашиот настап на „Андерфест“. Во склоп на нашиот настап, секако ќе вклучиме и неколку теми кои се нови, т.е. не се најдоа на првиот албум. Иако сè уште нашите жанровски корени се блуз-рок од 60-тите и 70-тите години, во рамките на тие жанрови, ние исто така навлегуваме во нови територии на звук и изразување. Имаме за цел да направиме нова музика, но не можеме со сигурност да поставиме временски рамки. Во секој случај, се надеваме дека наскоро ќе има нов материјал кој ќе можеме да го споделиме со публиката…

Настапивте на неколку фестивали во периодот од 2019 до 2022 година. По ова не бележите многу настапи. Дали тое е поради немањето простор, фестивали или нешто сосема трето?

Можностите во нашата земја и регионот се доста ограничени. Но, во нашиот случај, тоа не беше главната причина зашто не настапуваме. Поскоро, секој од нас беше зафатен на своја страна со разни обврски, па оттаму беше доста тешко да се собереме и да создадеме нова музика, и да „бркаме работа“ и можности поврзани со овој бенд. Сепак, со нетрпение очекуваме да се вратиме на сцената! Се надеваме дека наскоро ќе комплетираме нова музика, а тоа ќе отвори нови можности за настапи и дружба со фановите.

Како ја оценувате моменталната музичка сцена, и како може истата да се подобри?

Актуелната музичка сцена изобилува со креативен потенцијал и неверојатен талент! Гледаме толку многу уметници како ги влеваат своите срца во својот занает. Но, тие скоро секој пат го прават тоа без поддршка од државните институции. Некако, секој пат се чини дека лавовскиот дел од фондовите наменети за култура завршуваат во некои несфатливо некомпетентни раце, па културата извисува. Можеби тоа е индикација дека ткивото на нашето општество е зафатено од негативната појава наречена „корупција“, која што пак е симптом на една посериозна деградација на ниво на нашата држава. Но, да не размислуваме премногу за тоа, бидејќи ризикуваме да застраниме од темата на ова прашање. Иако е потребно, примамливо, и логично да се критикува системот, реформирањето на културата и уметноста на државно ниво е огромна задача. Има многу простор за подобрување во начинот на кој уметностите се финансираат и поддржуваат, но тоа не треба да ги спречи уметниците да ги следат своите страсти. Веруваме дека е од витално значење да се истакнат квалитетните музичари и да се дозволи уметноста да триумфира над кичот.

Со која музичка легенда би сакале да можете да споделите искуства и да разговарате за музиката и креативноста?

Имаме многу локални (и не-толку-локални) музички легенди на кои им се восхитуваме, тешко е да се избере само една! Секој има своја уникатна приказна и порака. На крајот на краиштата, би сакале да ни се најде шанса да седнеме со некој од нив, да споделиме искуства и да разговараме за креативниот процес и предизвиците со кои се соочуваме. Поврзувањето со колеги музичари е секогаш убаво искуство.

Бевте хедлајнери на првиот „Андерфест“ во 2019 година. Како си поминавте тогаш и што може да очекува публиката од вашиот настап на 1 ноември во МКЦ?

Настапот на „Андерфест“ беше убаво искуство и големо задоволство и чест за нас. И покрај тешките услови за работење, „Андерфест“ продолжува да напредува, и станува важен дел од македонската културна сцена. Сега, после прилично долга пауза, ние сме среќни што имаме можност да се качиме повторно на сцена. Нашите фанови можат да очекуваат енергичен настап исполнет и со нови и со постари песни. Подгответе се за добра блуз забава!

Интервјуто е правено во соработка меѓу Радио МОФ и „Андерфест“