„The Onion“ го брани правото на пародија пред Врховниот суд во поддршка на локален сатиричар

Познатиот сатиричен сајт „The Onion“ (Кромид) поднесе правна забелешка пред Врховниот суд на САД со која застанува во одбрана на човек кој бил уапсен затоа што се исмевал со полицијата.

Во забелешката пред Судот „The Onion“ го кажува својот став околу правото на пародија, а за да направи сериозна правна поента од сајтот тоа го направиле на својот карактеристичен начин – преку вовед во кој кажуваат купишта зафрканции.

Во нивното претставување тие тврдат дека имаат „4,3 билиони читатели“ и дека нивниот сајт е „најмоќната и највлијателната организација во човековата историја“. Дополнително, тие тврдат дека „вработуваат 350.000 луѓе“ во „кампови за физичка работа“ и дека „се сопственици и оперираат со најголемиот дел од прекуокеанските поморски линии“.

Но, зошто и покрај оваа голема „моќ“ од „The Onion“ се мешаат во вака мал правен случај? „За да ја заштитат нивната можност да создаваат измислици, кои понекогаш можат да се измешаат со реалноста“, велат тие во правната забелешка.

„Писателите во „The Onion“ истовремено имаат и себичен интерес за спречување на политичките власти од затворање на хумористите. Оваа правна забелешка е поднесена во интерес да се избегнат нивни идни казни“, велат од сајтот.

Случајот околу кој се загрижени од сатиричниот вебсајт е опишан во насловот на нивната забелешка: „Полицајци од Охајо уапсиле и поднеле обвинение за човек кој ги исмевал на Фејсбук“. Од „The Onion“ велат дека иако овој наслов изгледа како да е од некоја нивна објава, сепак е вистински.

Станува збор за случај од 2016 година, кога Ентони Новак бил уапсен затоа што отворил Фејсбук страница преку која правел пародија на Фејсбук страницата на локалната полиција. Тој бил обвинет за попречување на јавни службеници во вршење на работата, но потоа бил ослободен од обвинение. Следната година Новак упатил тужба до полицијата со тврдење дека се работело за одмазнички акт против него и неговото право на слобода на говор. Во мај, Апелациониот суд на САД ја поддржала полицијата во оваа тужба, што според адвокатот на Новак „поставило опасен преседан во поткопување на слободата на говорот“. Минатата недела Новак се пожалил пред Врховниот суд, што пак води до правната забелешка на „The Onion“.

Од сајтот тврдат дека одлуката на Апелацискиот суд „става под закана античка форма на дискурс“.

„Одлуката на Судот сугерира дека пародистите се чисти пред законот само доколку однапред ја предупредат својата публика дека пародијата не е вистина. Но, некои форми на комедија не функционираат доколку комичарот не може да го каже вицот со сериозен израз на лицето“, додаваат од „The Onion“.

Градот Парма од државата Охајо до 28 октомври треба да даде одговор во случајот кој ќе биде ставен на разгледување следната година доколку Врховниот суд го прифати.