Како корисник на платформата „Нетфликс“ пред извесно време бев бомбадирана со нотификации за новото издание „Тhe social dilemma“. Нотификација за да ме потсети да го проверам новиот филм кој се совпаѓа со моите досегашни филмски избори ми пристигна на мејлот, на мобилниот телефон и на нетфликс профилот. Моите социјални мрежи беа преплавени со објави за овој филм, објави на луѓе со кои сметам дека имаме слични интереси.
При уклучување на „Нетфликс“, филмот беше позициониран за лесно да го пронајдам, за разлика од филмовите кои најчесто кога сакам да ги гледам морам да ги куцам насловите буква по буква на пребарувачот, несигурна до самиот крај дали воопшто ќе бидат достапни.
Љубопитноста, извиканоста и лесната достапност спротивна на залудно потрошено време во пребарување и најчесто избирање на „guilty pleasure“ филм победија, и јас своеволно, ако може да се каже така, го гледав „The social dilemma“.
Станува збор за документарен филм кој претставува искуства од креирањето на социјалните мрежи од неколку лица од индустријата, поранешни вработени во „Гугл“, „Твитер“, „Инстаграм“, „Јутјуб“, „Епл“, „Фејсбук“, „Пинтерест“. Објаснувајќи за алгоритамот и начинот на кој работат социјалните мрежи и дигиталните платформи, тие зборуваат за начините на кои корисникот е задржан онлајн, заробен во илузијата дека има право на избор.
Во моментот кога кликнав на копчето за започнување на филмот, веќе ја имав изгубено битката против алгоритмот кој сметам дека го контролирам. Алгоритмот надвладеа и го изгледав филмот, за кој сметам дека освен што добро ја објаснува состојбата, не открива некоја шокантна вистина која досега не ја знаевме.
Сепак, тоа е само мое мислење базирано на сопствениот дигитално меурче кое сум го изградила во дигиталниот свет. Нашата претстава за светот и секојдневието ги базираме врз работите кои ги читаме на социјалните мрежи – место на кое бегавме од реалноста за да прочитаме повеќе за работите кои ги сакаме, нè интересираат. Секој клик на содржина која нè интригира, е еден магнет кој кон нас привлекува содржини што би нè интересирале. Па така, за кратко време, налепена е содржина која би нè одржала онлајн засекогаш. Истовремено, ваквото потенцирање на содржината која нè интересира, околу нас истомисленици, па сметаме дека нашето видување на работите е она вистинското, правилното и единственото.
Исто како мене, кога видов дека дел од профилите беа изненадени од функционирањето на социјалните мрежи и системот на работа кој го открива документарецот.
Создадени за да профитираат врз времето, нашата заинтересираност и кликови, мрежите немаат грижа на совест доколку содржините за кој е заинтересиран одреден корисник, се дезинформации. Па, доколку во реалноста навистина постои тој корисник, преголеми се шансите корисникот да не добие никакво предупредување за лажноста и да биде уверен во „правилноста“ на своите сфаќања.
Освен документаристичкиот пристап со искуствата и советите од ИТ професионалците, паралелно е прикажана фикционалната приказна за просечно американско семејство, чиј син завршува на радикален протест поради постојано отворање на препорачани содржини кои неуморно го црпат неговото внимание и онлајн присуство.
Ваквото прикажување на тоа до каде можат да одат последиците од невнимателно користење на социјалните мрежи веќе може да се каже дека е клише, но во реалноста објавите кои кај нас предизвикуваат заинтересираност и емотивност се внимателно избрани од алгоритмот.
Според мене, социјалната дилема е како поинаку да пристапиме до алгоритмот кој нуди и работи исклучиво во црно-бела димензија, нема чувство за етика, профитира од емоции и време, а е претставен како помошна алатка?
Екипата од ИТ експертите нуди мали совети за тоа како да избегаме од ваквата дводимензионална реалност, момент кој најмногу ми се допадна во филмот.
Ивана Смилевска