Мистеријата околу новиот соло-албум на влијателниот британски музичар Thom Yorke, фронтменот на Radiohead, конечно е разрешена. Тој вчера го објави своето второ солистичко издание со наслов „Tomorrow’s Modern Boxes“. Yorke, кој е познат по обидите за револуционализирање на начинот на дистрибуција на музичките содржини, повторно пронајде инвентивен начин – неговото ново издание е објавено на BitTorrent и може да се купи по цена од 6 американски долари.
„Ова е експеримент за да се види дали механизмите на ваквиот системот ќе бидат прифатливи за публиката. Ако функционира, тоа би можело да биде ефикасен начин да им се даде дел од контролата врз интернет-продажбата на луѓето кои создаваат медиумски содржини. Тие ќе можат саите да си ги продаваат своите дела на интернет, заобиколувајќи ги самопрогласени „чувари на портите“. Ако ова работи, секој ќе може да си ги објави делата исто како и јас“, вели Yorke.
Новиот албум е наследник на првото соло-издание на Thom Yorke, „Eraser“ од 2006. „Tomorrow’s Modern Boxes“ содржи осум песни, а покрај во дигитална форма, може да се нарача и на 180-грамска бела винил плоча.