„Верувам дека не само младите луѓе, но и сите ние што ги користиме социјалните мрежи на некој начин, гледаме на нив како една личност, да речеме – Фејсбук. Голем дел од луѓето таа ‘личност’ ја доживуваат како психотерапевт. Односно, кога ќе се вклучиме на мрежите, имаме простор да го тргнеме нашиот идентитет, да го сокриеме, да пишеме некакво лажно име и да коментираме на било каква статија, било чив профил итн. Голем дел од луѓето ги користат социјалните мрежи за да ги искажат личните мисли и ставови, притоа се случува да се споделуваат и невкусни коментари или шеги. Ова знае да ја премине границата, да прејде и во сајбербулинг доколку тие профили се направени од некои врсници, а потоа може да прејде и во сајбернасилство – да добиваме заканувачки пораки од некои профили“.
Тиана Ивановска, психолог и основач на психолошкото советувалиште „Себе сложувалка“, вчера учествуваше на панелот „Постојано поврзани“ на Македонскиот институт на медиуми, каде зборуваше за влијанието на дигиталниот свет врз децата и младите, како дел од воведната конференција на Деновите на медиумска писменост.
Ивановска смета дека социјалните мрежи имаат удел во самодоведбата на младите и начинот како тие ја градат сликата за себе.
„Бидејќи, она што се презентира на медиумите, преку социјалните мрежи, тоа се вид информации кои во голема мера се хиперболизирани, преизразени, со цел да привлечат внимание, да привлечат ‘брзи прсти’, со цел да се добијат повеќе кликови со ширење на тие информации, а притоа да се дојде до поголема заработка“, вели Ивановска.
Истовремено, потенцира таа, она што често се сервира пред младиот човек е нереална слика за животот.
„Па, имаме млади луѓе кои се борат со потребата да бидат повеќе, да постигнат повеќе, да изгледаат подобро, притоа да се чувствуваат лошо во сопствената кожа, да сметаат дека се недоволно добри за светот и на тој начин да страда нивната самодоверба“, потенцира Ивановска.
Ученици не бараат помош за сајбербулинг – сметаат дека може да биде и полошо
Психолохот се осврна на програмата „Анти-булинг“, каде спровеле истражување и собирале што е можно повеќе информации за најчестите форми на булинг кои се најзастапени кај младите.
„Ако порано беше физичкото насилство, сега сајбербулингот е најзастапен како форма на насилство. Веројатно постои голема слобода во поглед на прикривање на личните податоци. Се појавуваат најразлични форми, од типот на креирање лажни профили за да се задева некое дете во класот, или за да се пишува коментари на содржините споделени од врсникот“, посочува таа.
Во глобала, вели Ивановска, сајбербулингот функционира на ист принцип, одредена група ученици се насочуваат кон еден ученик, кон еден млад човек, и го таргетираат токму него.
„Секако, тоа се ученици кои се поповлечени, кои можеби се интровертни, што не ги прави послаби од другите, но генерално се ученици што не знаат како да се носат со масата и мислењето на другите. Па, оттука, произлегуваат сериозни последици врз менталното здравје на овие ученици, кои во многу ситуации не бараат помош, бидејќи сметаат дека тоа може да ја влоши состојбата. Така што, ваквите ситуации се многу чести во училиштата е таа треба да се решаваат системски. Многу училишта веќе преземаат и радикални мерки, од типот на промена на класни раководители, промена на класови, вклученост на родителите и сите засегнати во ситуацијата итн“, посочува психологот.
Балканското „штитење“ од фрустрации е погрешно
Според Ивановска, во воспитувањето на младите имаме една класична балканска „шема“ – родителот го „штити“ детето од секоја можна фрустрација во секојдневието. Ова е апсолутно погрешно, вели таа, бидејќи како се менуваат времињата и како еволуираме како луѓе, младиот човек се соочува со предизвици кои во времето на неговите родители биле незамисливи и можеби не постоеле.
„Родителите треба да работат на самодовербата на своите деца и да ги оставаат сами да носат одлуки. Да го почитуваат нивниот избор, да ги насочуваат, но да не носат одлуки во нивно име. Со тој метод на воспитување се овозможува младите да имаат добра и позитивна слика за себе, да создаваат силни вредносни ставови за тоа што е добро, а што е лошо, истовремено да бидат поистрајни од било какви напади што доаѓаат од сајберпросторот“, потенцира таа.
За Ивановска е несоменно дека не можеме да го ограничиме сајберпросторот, тоа сепак е простор каде секој има право да ги искаже своите мисли и ставови, па, често пати, вели таа, паралелно со балансираните се појавуваат и небалансирани луѓе.
„И, не може да донесеме една мерка која ќе важи за сите, односно ‘one-size-fits-all“, децидна е Ивановска.
Целосната забрана за уредите е неефективна, тие може да бидат и корисни
Според психологот, треба да еволуираат целите на наставни методи, да бидат во тек со времето и технолошкиот развој. Бидејќи, вели таа, ако донесете метода за целосно отстранување на телефонските уреди на наставата, тогаш имате настава која е фокусирана директно на статичен пристап.
„Тој пристап испраќа порака дека ‘ова е тука забрането’. На тој начин се забранети социјалните мрежи, забранет е интернетот, а притоа знаеме дека кога ќе заминат дома најголем дел од времето го поминуваат на интернет“, посочува таа.
Токму затоа за Ивановска е важно наставата да еволуира и да им овозможиме на учениците да научат правилно да го користат интернетот и социјалните мрежи, затоа што се’ она што може да биде злоупотребено може да е употребено за корисни цели.
„Пример, како да истражуваат, како да познаваат научно докажани факти и информации, како да наоѓаат веб-страни со корисни податоци што ги интересираат, како да ја будат креативноста во себе. Така што, со ригорозното отфрлање на алатките, кои ние ги користиме од секојдневието, само се оддалечуваме од технолошкиот развој и времето кое неминовно доаѓа“, забележува Ивановска.
Воспитувањето се одвива дома, а не на социјалните мрежи
За Ивановска најголемиот предизвик на воспитувањето на децата и младите е како да го најдеме балансот меѓу „контрола и слобода“. Односно, како да имаме контрола врз нашето дете, како притоа да не му го задушиме духот, за да добие одредена доза слобода.
„Воспитувањето не се одвива на социјалните мрежи, туку се одвива дома. Ние не можеме да ги воспитуваме нашите деца, откако ќе погрешат, туку им предочуваме пред да ги направат грешките, со цел тие да се соочат со одредени ситуации“, посочува психологот.
Во „Себе сложувалка“, вели таа, често пати работи со родители, па секогаш ги прашува – кога забележуваат дека нивните деца поминуваат предолго време на социјалните медиуми, или пак на интернет – дали некогаш провериле што всушност прават нивните деца?!
„Затоа што, не секогаш значи дека детето ги ‘злоупотребува’ интернет алатките. Некогаш може да укажува на нејзино или негово хоби. Може да укажува на некој талент на детето за кој родителот не е свесен. Оттука, идејата е да се доближиме до нашите деца и да видиме што ги мотивира, што ги стимулира за да го поминуваат своето време, дури кога се работи и за игри. Врз основа на играта може да забележите тенденции на неговите начини на размислување. Дали сака да игра игри од типот на ‘Мајнкрафт’, каде комбинира различни градежни вештини за да изгради објект, или сака да игра ‘шутери’ каде се развиваат рефлексите, раката, окото, движењето, што во голема мера хирурзите го имаат развиено како механизам на однесување. Така што, се’ она што прави нашето дете може да се стави во функција и да се извлече од него нешто многу добро“, вели таа.
Ограничување на содржини по принцип на возрасна категорија
Ивановска е на ставот дека се потребни ограничувања на содржини според возраста. Психолошкиот развој на луѓето, како највисоката форма на размислување, вели таа, се појавува по 18-та години, тоа е она причинско-последично мислење, кое претставува „круна“ на нашата невропластичност на мозокот.
„Токму поради овој факт и биолошки развиток ние стануваме полнолетни на 18 години. Дотогаш, имаме потешкотија да ги видиме последиците од нашето однесување. Затоа ни се потребни родители старатели кои ќе ни ги доближуваат последиците и ќе ни покажуваат границите, со цел да не си наштетиме сами на себе. Зошто го кажувам ова? Бидејќи се случуваат преголеми последици (на мрежите) од преголема популарност на осумгодишници. Едно дете на осум години не може да го разбере концептот на популарност, на последицата на она што се случува во светот. Тик-Ток им носи пристап до огромен пристап до информации, што е навистина знак прашалник дали дете на осум години треба да ги знае?!“, прашува Ивановска.
Од друга страна, дополнува таа, страда огромен аспект на телото и умот кои треба да бидат развиени, а не се развиваат преку социјалните мрежи. Пример, имаме еден куп деца со дегенеративни проблеми со ‘рбетот, затоа што проаѓаат многу време во седечка положба.
„Самото излегување надвор, одење во природа, дружење со другарите е нешто што помага на детето да му се развие желбата за истражување, авантуристичкиот дух, критичкиот ум, она што е добро, а што – не. Ова е делумно развиено бидејќи се одвива во виртуелен простор, а не во реалниот свет. Дури и на сите нови форми (на медиуми) што ќе се појават, мора да ставиме некаква ‘маркица’, некаков знак до која возраст е границата на користење“, смета Ивановска.
Бојан Шашевски