„Tиииит! Инк“ организира средношколска пешачка тура во Скопје којашто има за цел да мапира клучни точки во градот кои се дел од историјата на општеството, како резултат на женското дејствување и акција низ годините.
Оттаму информираат дека турата е моделирана според публикацијата „Нашиот пат: 25 женски приказни од историјата“ – водич по географски точки, којшто зборува за жените кои учествувале/учествуваат во главните историски и државни текови.
„Пешачката тура ќе трае околу два часа и освен што ќе се посетуваат важни точки за женското културно наследство во Скопје, ученичките/ците ќе имаат шанса да се запознаат со приказните за овие места и подвизите на жените кои им даваат историско значење. Турата ќе ја води Ангела Стојановска“, дополнуваат од организацијата.
Сите заинтересирани за да се приклучат треба да ја пополнат пријавата за учество, а бројот е ограничен на 15 учесници. Заинтересираните мораат да го пополнат и формуларот со согласност од родител/старател.
Турата ќе обединува пет локации во Скопје, меѓу кои и Паркот „Жена Борец“, обележани преку приказните на Оливера Јоциќ, Мимоза Несторова Томиќ, килимарските работнички и Есма Реџепова.