ТикТок e најсимнуваната апликација во светот во 2020 година, заземајќи го првото место од Фејсбук Месинџер, според компанијата за дигитална аналитика Еп Ени (App Annie), пренесува BBC.
Кинеската платформа за споделување видеа е единствената апликација која не е во сопственост на Фејсбук, а се најде во глобалната топ пет листа на преземања.
Во својата матична земја, сопственикот на ТикТок, компанијата ByteDance, исто така го држи првото место со видео апликацијата на кинески јазик Douyin.
Континуираната популарност на ТикTок се појави дури и откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп се обиде да ја забрани во Америка.
Апликациите во сопственост на Фејсбук го држеа првото место од почетокот на листата во 2018 година и компанијата се уште доминира на листата. Главната апликација на Фејсбук, како и Ватсап, Инстаграм и Месинџер се исто така во топ 5 најсимнувани апликации.
Минатата недела, беше откриено дека ТикТок пробува нова функција за исчезнување на клипови, слична на функциите на Снепчет, Фејсбук и Инстаграм.
ТикТок Сторис ќе им овозможи на корисниците да гледаат содржина објавена од профили што ги следат 24 часа пред да бидат избришани. Оваа опција доаѓа откако Ватсап воведе функција за корисниците да објавуваат фотографии или видеа што исчезнуваат откако ќе бидат видени.