Апликацијата ТикТок потенцијално ќе биде казнета милиони фунти поради прекршување на детската приватност, по одлука на регулаторното тело за заштита на податоци, јавува „Гардијан“.
Бордот за заштита на податоците на ниво на Европа достигна обврзувачка одлука кон платформата за споделувања на видео-содржини која е во кинеска сопственост поради начинот на процесирање на податоците на децата.
Регулаторното тело ја усвои одлуката откако ТикТок поднесе законски приговори при претходно судење во Ирска, каде што се наоѓа европското седиште на компанијата. Конечната одлука ќе биде објавена во текот на наредните неколку недели.
Одлуката на Европската Унија доаѓа откако во 2021 година беше отворена истрага од страна на Ирската комисија за заштита на податоците, поради начинот на кој ТикТок ги штити податоците на децата на возраст од 13 до 17 години, но и поради нивото на функционирање на апликацијата што не е во склад со регулациите за заштита на податоците на ЕУ.
Од ТикТок најавија нови опции со цел функционирањето на апликацијата да биде поскладни со регулациите на Европската Унија за споделување на содржини, а новините ќе стапат на сила на 25 август.
Според Актот за дигиталните сервиси на ЕУ, ТикТок, Гугл, Фејсбук и другите поголеми онлајн платформи ќе треба да ја надгледуваат нелегалната содржина на своите платформи, да забранат одредени практики за рекламирање и да споделуваат податоци со полицијата.
Од ТикТок информираат дека со новите опции на апликацијата, корисниците од ЕУ ќе можат полесно да пријават нелегална содржина, а за корисниците од 13 до 17 години ќе постои опција да се исклучи целното рекламирање.